Во очи претстојниот самит на групата Г-7 викендов во Франција, американскиот претседател Доналд Трамп изрази надеж за враќање на Русија во групата. Пред да се случи тоа, Г-7 лидерите, особеон Трамп, треба јасно да ѝ стави до знаење на Русија дека прв услов за враќањето во клубот ќе биде да престане со ефективната сајбер кампања и обидите за мешање во американските избори, пишува „Вашингтон пост“.
Според весникот, неспорна реалност е дека САД водат прикриена сајбер-војна против политичките влијанија и други малициозни акции на Кремљ. Како дел од таа борба, пишува весникот, Американската сајбер команда лани лансирала кампања за „лов“, со цел да го спречи руското мешање во среднорочните избори (midterm elections). Во рамките на кампањата биле испратени тимови да соработуваат со клучните сојузници за да идентификуваат и изложат руски малициозен софтвер, соопштил висок американски функционер во Министерството за одбрана, пренесува „Вашингтон пост“.
Кампањата почнала во мај 2018-та, а тимовите биле формирани во јули. Веќе во август добиле дозвола од властите, а во септември и октомври почнале распоредувањата во низа земји. Се работело за мали тимови, па не повеќе од вкупно 50 американски оперативци биле испратени во низа земји.
Пентагон официјално потврди дека дел од тие земји, каде биле испратени Cyber Command тимови, биле и Украина, Црна Гора и Македонија (сега Северна Македонија, истакнува „Вашингтон пост“). Со дозвола од овие влади, тимовите оперирале во нивните мрежи за да соберат малициозен софтвер (malware) што Русите го имплантирале на нивните наводно безбедни системи, вели весникот.
„Откривме вистинска ризница“, открива високиот американски функционер за одбрана, додавајќи дека биле посебно изненадени од тоа колку бесрамни и сеприсутни биле Русите. Тимовите откриле нови парчиња од руски malware, вклучително и „rootkits“, кои овозможуваат контрола на заразениот компјутер од далечина, без системот да може да ги детектира. Откриле и „тунелирачки“ софтвер кој ги крие комуникациите на јавните мрежи, како и други опасни алатки.
Меѓутоа, Русите биле невнимателни и мрзеливи кога ги напаѓале мрежите на земјите близу до границите на Руската Федерација, водејќи се од „кога мислиш дека никој не те гледа, не се ни обидуваш да ги покриеш трагите“, вели функционерот од американското Министерство за одбрана.
Потоа, вели тој, алатките на Русите, прво 10, а потоа и повеќе, биле и јавно објавени на интернет платформата за сајбер-безбедност VirusTotal, за да бидат на увид на безбедносните експерти, кои преку нивна анализа би откриле и имплементирале противмерки.
Целта на кампањата била да се нанесе штета врз Русите. Кога ќе изгубиш една алатка, некој мора да создаде нова, а тоа бара време и пари, објаснува американскиот функционер.
Кампањата на Сајбер Командата ќе продолжи и да ги штити американските избори во 2020-та, вели тој. Според него, кампањата испраќа тројна порака до Москва: 1) Знаеме што правите, 2) Обединети сме против вас. 3) Вашето однесување има последици.
Од друга страна, малку веројатно е дека Путин ќе се откаже од тоа што досега се покажа како ефективна сајбер кампања. Токму затоа Трамп треба тоа да го постави како прв услов за враќање на Русија во клубот на Г-7, констатира „Washington Post“.