Америко, ни должиш: Помпео се потсопна, Пендаровски го придржа (ВИДЕО)

Денеска, во склоп на посетата на земјава, македонскиот претседател Стево Пендаровски во „Вила Билјана“ во Охрид го пречека државниот секретар на САД – Мајк Помпео. Средбата започна со краток неофицијален разговор и мала прошетка низ парк шумата околу резиденцијата.

Таму се случи и една мала нeзгoдa, кога американскиот државен секретар, внесен во разговорот со Пендаровски, се потcoпна од една нерамна плочка. Помпео брзо го врати балансот, но тука беше и претседателот Пендаровски кој со брзата реакција се осигура дека Помпео ќе се врати дома читав (3:30 во видеото):

Посетата на државниот секретар на САД во исклучително важен период за нашата земја е потврда за пријателството меѓу САД и Северна Македонија, кое се потпира врз заедничките вредности за мир, слобода и демократија, порача Пендаровски.

„САД е нашиот стратешки партнер уште од нашата независност, а американската поддршка беше клучна во одбранбените реформи и трансформацијата на нашата Армија, со цел исполнување на критериумите за членство во НАТО. Преку програмите за развој, САД ни помогнаа во зајакнувањето на институциите, владеењето на правото, реформите на судството, зајакнувањето на граѓанскиот сектор и медиумите, како и поддршка на поволна бизнис клима за трговска размена меѓу двете земји“, истакна претседателот.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Претседателот Пендаровски се заблагодари за постојаната поддршка од САД и во периодите кога земјата ги решаваше тешките прашања за внатрешната стабилност, како и постигнувањето на компромис за деценискиот спор за прашањето за името, во духот на добрососедството и регионалната соработка.

„Северна Македонија ќе продолжи со тесната соработка со САД. Сметам дека е неопходна зголемена американска поддршка во претстојниот период, во кој Северна Македонија треба да стане 30-та членка на НАТО и да ги започне пристапните преговори за членство во Европската унија“, рече претседателот Пендаровски.

Секретарот Помпео се заблагодари за топлото добредојде во Северна Македонија која ја посетува во рамки на посетата на Италија, Црна Гора и Грција. Тој потврди дека американската поддршка во продлабочувањето на пријателството меѓу двете земји ќе продолжи и во иднина, што е значајно не само за Република Северна Македонија туку и за стабилноста и безбедноста на целиот регион.

А по „интервенцијата“ на Пендаровски за стабилноста на Помпео, пријателството меѓу двете земји и нема друг избор освен дополнително да се продлабочи.

- Реклама -