Денес се одржа промотивно прикажување на едукативниот цртан филм „Кликни безбедно“, кој е дел од проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет, реализиран од Министерството за дигитална трансформација. Овој филм е резултат на креативната соработка помеѓу учениците и наставниците, со цел да се подигне свеста за безбедното, одговорно и етично користење на интернетот кај децата и младите.
Анимираниот филм, на едноставен и разбирлив начин, ја истакнува важноста на дигиталната писменост и безбедното однесување во онлајн просторот. На покана на министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на настанот присуствуваа ученици од општина Кисела Вода, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Министерот Андоновски изјави: „Кликни безбедно е едукативен цртан филм, создаден во рамките на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет. Оваа активност е завршница на Месецот на побезбеден интернет и на нашиот европски проект. Филмот е наменет за најмладите, со цел да ја доближи важноста на дигиталната писменост и безбедното, одговорно и етично користење на интернетот.“
Тој додаде дека технологијата треба да се користи со истакната свест за ризиците: „Во време кога децата сè порано навлегуваат во дигиталниот свет, нашата заедничка одговорност е да создадеме средина каде технологијата ќе биде алатка за учење, креативност и развој, а не извор на ризици. Затоа, ваквите иницијативи се од особена важност, бидејќи ја поттикнуваат соработката меѓу институциите, училиштата и родителите со една единствена цел: побезбеден интернет за секое дете.“
Анимираниот филм ќе биде достапен во сите училишта низ Македонија, а исто така ќе можат да го прикажуваат и телевизиите. Министерството за дигитална трансформација останува посветено на политики и проекти кои ја зајакнуваат дигиталната писменост и онлајн безбедноста, особено за младите генерации. Со промоцијата на „Кликни безбедно“, министерството уште еднаш ја потврдува својата посветеност на унапредување на дигиталната култура, зголемување на свеста за безбедноста онлајн и создавање побезбедна дигитална средина за сите деца.




