Анимакс Скопје Фест повикува на учество на анимирани филмови

ani

Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ објави отворен повик за аплицирање за годинешното шесто издание на фестивалот, кое ќе се одржи во ноември 2016 во Скопје.

Право да се пријават  имаат сите филмови изработени во било која техника на анимирање, завршени по 1 јануари 2015 година, а кои претходно не биле пријавени на Анимакс Скопје Фест. За да бидат разгледувани, филмовите треба да бидат пријавени во една од следните категории: кратки анимирани филмови, долгометражни анимирани филмови (над 45 минути) и анимирани филмови за деца.

Краен рок за праќање на пријавите и видео материјалите е 20 септември 2016 година.

„Продолжуваме како 4-дневен филмски фестивал посветен на анимацијата. Оваа година, шеста по ред за Анимакс, сакаме да ја посветиме на децата како публика и децата како креатори на анимација. Тие се безусловни и верни вљубеници во анимираниот филм.  Ќе се обидеме да го прошириме концептот на Анимакс и да се фокусираме на фестивалски настани кои ќе ја обележат целата година, а не само неколку дена во месец ноември. “, вели м-р Кузман Кузмановски, директор на фестивалот.

„Започнавме скромно, а веќе на минатото јубилејно 5-то издание имавме 427 пријавени анимирани филмови од 58 земји од светот. Тоа значи дека полека, но сигурно се пробиваме на светската фестивалска сцена“, додава Кузмановски.

Повеќе информации за фестивалот ќе најдете на веб страната http://www.animaxskopjefest.mk/.

- Реклама -