Антикорупциска, по анонимна претставка, отвори предмет за назначувањето на Христовски за шеф на АНБ

Државната комисија за спречување корупција, отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност, откако до Антикорупциска пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор.

Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, за МИА потврди дека до нив стигнала ваква претставка и дека по неа е оформен предмет и веќе се постапува.

– Наводите се однесуваат на неисполнување на услови за именување на директор. Конкретно во делот на образование, стекнување со безбедносен сертификат, како и припадност на политичка партија. Тоа се наводите во оваа анонимна пријава. Предметот е распределен кај член. Ќе се отпочне со обезбедување на потребна документација до АНБ и Владата како орган кој го именува. По рокот за достава на овие податоци од 15 дена, и по обезбедување на документација и утврдување на фактичката состојба ќе донесеме одлука на јаван седница, изјави Димитровска за МИА.

Прочитајте и:  СДСМ: Бојан Христовски е личен избор на Мицкоски - партизацијата на АНБ ја потврди и Таравари

Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика бројни реакции во јавноста.

Владата на седница на 16 октомври го разреши директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, а на негово место го именува Бојан Христовски.

- Реклама -