Апасиев до младите: Можев воопшто „да не се замарам со политика“, но време е за наплата!

На 15-ти јули има избори… Којзнае кои по ред, откако си роден!? А, можеби први на кои имаш право да гласаш? Ама, за што? За кого? Кристално јасно ги гледаш различните димензии на паралелниот свет во кој живееш. Сметката за една софра во кафаната каде што работиш е колку месечната плата на мајка ти!? Запрашај се: нив ли треба да ги избереш?!

Излези и гласај!

Изминативе три децении, повеќе од сè, се прашуваме зошто? Зошто ова го дозволивме? Зошто немаме сапуни во училиштата? Зошто немаме чисти болници? Зошто не можеме да се вработиме, иако сме подобри од нив? Зошто не сме соодветно платени за трудот?

Но, немој да паднеш во безнадеж! Тие тоа го сакаат. Преку пропагандата на петоколонашките ен-џи-о-аши и „граџански“ активисти, сакаат да те убедат дека твојот ГЛАС не вреди ништо, дека сè е џабе. Сакаат да те удават во морето на дефетизмот! Бојкотот и негласањето на избори кои немаат цензус ќе значи само уште една нивна украдена победа и уште еден пораз на народот. Затоа, доаѓа време кога тишината е предавство, и тоа време пристигна до нас! Нам ни остана само малку врз коешто можеме да градиме, освен горчината.

Затоа, ова се сè, само не обични избори. Ова е пресвртница во поновата македонска историја! Ова е последната генерациска битка за опстанок на нашата класа и нација, насочена против партискиот клиентелизам!

По наше, не по нивно!

Политичкиот естаблишмент, заедно со олигарсите и корпоративните медиуми контролирани од нивниот капитал, се штитат меѓусебно и се богатат на сметка на народот и на државата. Оваа политичка клика ни ги уништи погоните, ги сотре работниците, ги распродаде природните ресурси на грст богаташи и тајкуни. Ги приватизираа нашите фабрики, оставајќи ја работничката класа на милост и немилост на разно-разните Анѓушевци, Камчевци, Наковци… Со испраните пари од Белизе купуваат наши ниви, наши рудници, наши хидроцентрали. Некако ова лудило мора да престане! Ние мораме да го запреме сега!

Тие имаат своја агенда. Ние имаме наша! Нивната агенда не е за вас, туку за нив. Секој кој ѝ пркоси е линчуван од нивните платенички квазиновинарски загари. Тие знаат дека само ние и вие можеме да ја запреме оваа одвратна владејачка машинерија! Затоа, нашата автентичка изборна кампања, која е масовно прифатена од народот, стана вистинска опасност за нивната етаблирана моќ, од која потајно стравуваат. Ќе се обидат да нè замолчат, но нема да успеат. И да ги искорнат сите цвеќиња, нема да можат ја запрат пролетта.

Ќе го срушиме нивниот свет!

Во владините предизборни видеа, кои се скапо платена пародија на нивното владеење, ја гледаме сета мизерија на искажаните лаги, во кои ни самите не си веруваат. Тешки се за гледање, а уште потешки за слушање! Во нивните вештачки нашминкани реклами гледаме дека распаѓањето на едно општество, секогаш почнува од врвот надолу. Дека корупцијата не го уништува политичкиот систем на луѓето, туку обратно – политичкиот систем, кој во с’ржта е корумпиран, ги уништува животите на луѓето! Дека ваквата нивна привремена моќ е само меур. Жива рана полна со корупција! Токму затоа, рушењето на овие ненормални услови е многу попродуктивно отколку работата под нив. Ќе го срониме нивниот црвенобуржујски свет. И нов ќе направиме – братски! По наше, не по нивно!

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

Затоа, не очајувај! Доаѓа Ново време!

Време на една нова генерација неизвалкани македонски политички активисти, кои веруваат во идеалите за кои се борат – застапувајќи ја Доблеста, Искреноста и Чесноста. Време на неискомпромитирани, идеолошки потковани и изградени личности во политиката кои ги презираат преварантите и хоштаплерите и ќе ги заменат недокваканите чичковци кои глумат парламентарци.

Ете, затоа бегаат од нас! Не можат да ја поднесат нашата искреност и неизвалканост. Бегаат од дебати, од ТВ дуели, од аргументирани дискусии. Но, не за долго. Внатре, во Собранието, нема каде да бегаат! Таму ќе видат, на дело, што значи артикулација на народниот револт на правата адреса.

Социјалната неправда треба да нè мотивира, а не да нè депримира!

Јас не сум професионален политичар и, верувајте ми, дека не морам да го правам ова. Како дете на стечајци кое со многу труд, учење и знаење успеа да стигне до професура по право, имав среќа да се извлечам од маѓепсаниот круг на сиромаштијата. Имам одлична работа на Универзитет, за која многумина можат да сонуваат! Имам прекрасна сопруга, семејство и среден приватен и професионален живот. Како и многумина, можев воопшто да „не се замарам со политика“ и целата своја кариера да ја поминам шетајќи на научни конференции низ академскиот свет. Но, сведочењето на социјалната неправда и на институционалното насилство создава вечен порив за борба за општото добро. За борба во името на оние кои не можат да се борат, заглавени во секојдневните егзистенцијални проблеми. Затоа, ова го правам за оние дечки од мојата генерација кои, за жал, НЕ УСПЕАЈА – не затоа што не ги биваше, туку затоа што немаа иста стартна позиција со децата на богаташите и транзициските профитери. А, дополнително, со другарите од Левица ова го правиме и за да не дозволиме неспособни, расипани и лоши луѓе и силеџии да управуваат со нашите животи и со животите на нашите деца.

Дојде времето за наплата!

Ова е РЕАЛНОСТА.

Ние знаеме, вие знаете, тие знаат!

Времето на политичката коректност помина. Дојде времето за наплата.

Децата на транзицијата пораснаа и, сега, доаѓаат по своето.

Да ги пребориме зулумите. Да ги израмниме есапите!

Оти, Левица не простува. Левица не заборава.

Борбата мора да продолжи. Со нови сили, на различни фронтови.

Подобар свет е неопходен. Подобар свет е можен.

#ДржаватаЗаНародот
#ЛевицаВоПарламент
Заокружи број 4.
проф. д-р Димитар Апасиев

виа Антропол.мк

- Реклама -