Апасиев во 11 точки му објасни на Заев зошто Левица го блокира Законот за државјанство

Претседателот и пратеник на Левица – Димитар Апасиев, денеска во 11 точки му ги објасни на премиерот Зоран Заев причините зошто Левица го блокира Законот за државјанство, иако, како што вели, тој и неговиот сопартиец Борислав Крмов истите ги аргументирале во над 20 часа говори на комисиите во парламентот, на прес-конференции, во ТВ гостувања итн. Одговорот на Апасиев доаѓа откако денеска премиерот изјави дека „не слуша која е замерката од Левица“, а инаку – кога би знаел која е, би ја адресирал и би ја решил.

„Прајминистерот Зоран Заев сакал да ги знае АРГУМЕНТИТЕ на Левица (кои досега се елаборирани во над 20 саата говори на комисии во парламентот, на пресови, на ТВ емисии итн.).

Но, еве да ги повториме за понављачи:

1. Законот не се однесува на бездржавјани, туку на лица кои веќе имаа косовско државјанство – т.е. наместо на апатриди, се однесува на бипатриди!
2. Законот е спротивен на Европската конвенција за државјанство на Советот на Европа од 1997 год. (која ние ја ратификувавме во 2002) и е во директна спротивност на Конвенцијата на СЕ за намалување на случаите на повеќедржавјанство (1963).
3. Законот, по трет пат од распадот на СФРЈ (1991), ќе дава државјанство по пат на сукцесија – што е единствен пример на бившите југословенски простори.
4. Законот не бара ефективна врска со државата која го издава државјанството, што е непознат феномен!
5. Законот не предвидува познавање на македонскиот јазик како услов за стекнување државјанство преку т.н. „олеснета натурализација“.
6. Законот предвидува давање државјанство со обични копии од платена сметка за струја!? (феномен непознат во светот).
7. Законот не бара да се има извор на егзистенција, како досега (што значи новите државјани идат директ на терет на државата).
8. Законот го намалува постојаниот престој за издавање државјанство на само 7 години!
9. Во случај на реинтеграција, непрекинатиот престој се намалува од три на само една година!
10. Проблемот на овие луѓе е институционален, а не легислативен (Македонија треба да цели кон поострување, а не кон либерализација на условите за стекнување државјанство).
11. Законот е во функција на нов вештачки етно-инженеринг, во насока на фалсификување на демографската реалност, во очи на илегалниот Попис…

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

p.s. Премиере, има још сто АРГУМЕНТИ и причини, ама еве за почеток овие десетина се доволно 😉 #ДолуЗаевизмот“, напиша Апасиев на Фејсбук.

„Сакам да знам кој е проблемот во законот. Ние седнавме заедно со двете најголеми опозициски партии од албанскиот блок, Алијанса за Албанците и Алтернатива и навистина во разумен дијалог најдовме решение. И сега го најдовме решението, а од друга страна Левица вика блокираме. Иако е помала политичка партија важно е да видиме кои се причините. Јас би ги разгледал, би апелирал за прифаќање, за сѐ што треба да не ги блокираме законите. Некој чека, некој поради тоа не може социјална помош да земе, некој не може да си лечи детенце или самиот да се лечи поради тоа што нема државјанство и нема документи. Само тоа е целта, нема други цели“, изјави денеска Заев, додавајќи дека во државата има граѓани кои по закон треба а не добиле државјанство и затоа, како што рече, со новиот закон само се проширени критериумите и е олеснета постапката да дојдат до овој документ.

„Тие се некои 15-16 нови критериуми, односно во постапката од 2003 или 2004 година ја вградивме европската регулатива како се издава државјанство на вака сложени случаи коишто имале проблем во нормална постапка за добивањето на државјанството“, истакна премиерот, пренесува „Фокус“.

- Реклама -