Апсењето на Равманоски е обид на власта да го покрие скандалот со помилувањата, велат од СДСМ

Од СДСМ велат дека власта и претседателката сега наместо да преземат одговорност за, како што велат, скандалозните помилувања, тие се обидуваат со театрални потези да го смират гневот на јавноста

Обид на власта да го покрие скандалот со помилувањата, вака од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) го оценуваат денешното апсење на Акиф Равманоски кој беше помилуван од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а за кој медиумите пренесуваат оти е член на наркокланот „Барон“.

Од СДСМ, оценувајќи го потегот на власта и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова како фарса, велат дека сега таа наместо да преземе одговорност за, како што велат, скандалозните помилувања, се обидува со театрални потези да го смири гневот на јавноста.

„Претседателката лично ги потпиша одлуките за помилување на криминалци и членови на нарко-кланови, лица кои беа осудени за тешки кривични дела. Еден од тие помилувани лица, Акиф Бејадин Равманоски, кој е поврзан со нарко-кланот Барон, беше уапсен веднаш по неговото ослободување под сомнение за обид за убиство“,

велат од СДСМ во соопштението испратено попладнево.

Оттаму упатуваат прашање до Министерството за внатрешни работи (МВР) дали се обидува да го покрие скандалот со помилувањата и да ја намали штетата од катастрофалната одлука на претседателката.

„Токму на ова предупредуваше СДСМ и опозицијата – дека криминалците кои ги ослободи Давкова претставуваат закана за јавната безбедност. Овие апсења не може да ја оттргнат одговорноста на Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ – тие ги ослободија криминалците, и сега, кога тие повторно прават злосторства, се обидува да ја амортизира штетата со спектакуларни апсења“,

додаваат од СДСМ.

Од опозициската СДСМ бараат одговори и за тоа зошто се помилувани лица осудени за обид за убиство и поврзани со нарко-кланови и кој го нарачал тоа.

„Зошто овие опасни криминалци повторно се на улиците, наместо зад решетки? И дали ова е дел од планот на власта да ги заштити криминалците, додека граѓаните секојдневно се чувствуваат помалку безбедни?“, с

е дел од прашањата на кои СДСМ бара одговор.

Околу вчерашната изјава на претседателката која рече дека Комисијата за помилување се водела од конкретни дела во врска со помилувањата за неколкумина затвореници што ги добија по повод Денот на Македонската револуционерна борба, 23 Октомври, од СДСМ велат дека Сиљановска – Давкова не може да се крие зад Комисијата.

„Таа е таа која има последен збор, и таа мора да одговори зошто ги ослободува овие лица и дали со ова директно ја загрозува безбедноста на граѓаните. Време е власта да престане да ги штити криминалците и да започне вистински да се грижи за граѓаните“,

додаваат од СДСМ.

Денеска од Основното јавно обвинителство Скопје информираа дека полициски службеници лишиле од слобода лице на кое со одлука на претседателката на државата, извршувањето на казната затвор му е заменета со условна осуда.

Оттаму посочија дека за лицето се водеше претходна постапка во врска со оружениот инцидент, што се случи на 14 октомври на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Чаир.

Потврда за приведувањето пристигна и од МВР.

Претседателката донесе одлука за помилување десет осуденици, меѓу кои Равманоски, кому казната од година и пол затвор му е сменета во условна. За него, медиумите пренесуваат оти е член на наркокланот „Барон“.

- Реклама -