Арсовска за кривичната за Цементарница УСЈЕ: Мерењата покажаа огромни пречекорувања на дозволениот испуст на аерозагадувачи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, информираше дека преземала иницијатива за покренување на кривична постапка против цементарницата ТИТАН УСЈЕ согласно член 218, член 230 и член 234 од Кривичниот законик, за непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, со што се загадува воздух, почва, вода, во поголем обем и со што се предизвикува опасност за животот и здравјето на луѓето.

На денешната прес-конференција таа информираше дека во изминатиот период се спроведени мерења на амбиенталниот воздух во фабриката и дека се утврдени големи концентрации на штетни честички кои го загадуваат воздухот.

Како што наведе Арсовска, Град Скопје во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање спровел мерења на испустот на гасови од работењето на објект од тешка индустрија во општината Кисела Вода.

„Се работи за Цементарницата ТИТАН УСЈЕ од каде при извршените мерења на амбиенталниот воздух во фабриката се забележани големи концентрации на штетни честици кои значително допринесуваат кон нарушување на квалитетот на амбиенталниот воздух на целокупното подрачје на градот Скопје“, соопшти Арсовска.

Таа посочи дека мерењата се извршени во два наврати, и тоа на 26 и 27 декември минатата година и 3 и 4 јануари годинава.

„Во двата наврати измерени се огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици кои го загадуваат и нарушуваат квалитетот на амбиенталниот воздух. Конкретно, во месец декември минатата година, измерени се три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата, а слични резултати добивме и при мерењето кое е извршено на почетокот на овој месец. Станува збор за испуштање на три пати поголеми количини од дозволените, на метар кубен секој час“, потенцираше градоначалничката.

Прочитајте и:  ЈО: Дадени се насоки на Управата за финансиска полиција да се испитаат постапките за јавни набавки за горивото за ЈСП

Таа посочи дека инспектори на градот Скопје, во здружена акција со државниот инспекторат при Министерството за животна средина, извршиле увид на работниот процес во Цементарницата, при што биле забележани сериозни прекршувања спротивни на издадената А интегрирана еколошка лиценца, која ја издава токму Министерството за животна средина.

„Имено, при последното мерење, констатирано е драстичнно пречекорување на испустот на штетни честици со што се нарушува квалитетот на амбиенталниот воздух. Дополнително за загадувањето од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди NOx при што резултатите од мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми односно покажуваат 711,9 милиграми на метар кубен“, информираше Арсовска.

„Граѓаните на градот Скопје недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина кои со децении нѐ трујат, обидувајќи се со ‘донации’ по општините, коруптивно однесување и најразличен вид на влијанија да се амнестираат од одговорноста за загадувањето на животната средина од кое илјадници граѓани страдаат од бројни заболувања“, порача градоначалничката на Град Скопје.

Извор: МИА

- Реклама -