Во неодамна пронајдениот извештај од 1954 година, се наведува дека Лос Аламос (во Њу Мексико) – родниот град на атомската бомба – „е само еден сосема обичен град“.
И покрај називот „Проект Менхетн“, проектот не беше спроведен во Њујорк, туку во голем број истражувачки центри ширум САД. Еден од најпознатите беше Лос Аламос, во кој 12.000 жители директно или индиректно работеа на развој на нуклеарно оружје за масовно уништување.
Во периодот на настанување на проектот, планот бил во базата да се доселат вкупно 150 научници, воени лица и членовите на нивните семејства. Сепак, веќе на крајот на првата година од постоењето, во Лос Аламос живееле 1500 луѓе, а до крајот на Втората светска војна бројот на населението надминал 8.000.
Освен својата „необична примарна функција“, градот не се разликувал многу од останатите американски населби, вели извештајот. Лос Аламос беше парадигма на идиличниот американски живот во ’50-тите. Имал неколку берберници, кина, продавници за накит, фото-студио, пекара, па и цвеќара. Жителите слушале и свои радио-станици, кои пак поседувале голем број грамофонски плочи, како за еден „нуклеарен“ град.
Градот имал и сопствена полиција и противпожарна служба, со тоа што со нив управувал федералниот Совет за атомска енергија, кој спровел посебна противпожарна обука во врска со радиоактивните материјали.
За среќа на доселениците, американската влада реши дека производството на нуклеарно вооружување ѝ е страшно полезно, па по Втората светска војна, наместо да го „изгаси“ центарот, почна интензивирано да работи на дооформување на градската заедница. Изгради куќи, школи, магацини, ја разви инфраструктурата, изгради и цркви (во кои се молеа припадници на дури 14 различни христијански деноминации). На посетителите почнаа да им се издаваат куќи и станови, а Лос Аламос со тек на време почна да прави повеќе пари отколку што државата вложуваше во него.
„Луѓето кои прв пат го посетуваат Лос Аламос доаѓаат со очекувања дека овде ќе најдат нешто интересно или абнормално. Меѓутоа, секогаш си заминуваат со впечаток дека посетиле исклучително интересен, но сосема обичен американски град“, пишува во извештајот од 1954 година.
60 и кусур години подоцна, во Лос Аламос малку нешта суштински се имаат променето. Популацијата и понатаму се движи околу 12.000 жители, Лабораторијата сé уште работи, а со неа и кич рестораните и продавниците со називи како „Atomic City Quilts“ и „Atomic Eyecare abound“. Самиот град – атомски досаден.