Аудио касетите своевремено беа културен феномени најраспространет начин на слушање музика. За разлика од плочите, она што ги привлекуваше луѓето кај касетите не беше специфичниот квалитет на звукот, туку механиката и самата постапка на пуштање и премотување на касетите. Многу од денешните генерации не знаат која е врската помеѓу молив/пенкало/фломастер и аудио касета, ниту пак им е познато чувството во прстот кога на радиокасетофонот ќе притиснете „play“ или „stop“, или „play“ и „record“ истовремено ако сакате нешто да снимите.
Се чини касетите не ја завршиле својата приказна. Ако пред некоја година почнаа да се враќаат во мода бидејќи секој втор беше хипстер, а хипстерите се палат на ретро, сега веќе ги има и во потполно нови (како на пример новиот албум на Muse) и ремастеризирани изданија. Па така, на Amazon ќе најдете касети на бендови како: Nirvana, Metallica, Queen, Led Zeppelin, U2 итн. И многу од нив не се воопшто евтини во споредба со другите музички формати, велат од сајтот Louder.
Во Велика Британија лани се продале 22.000 аудио касети, а во првите шест месеци годинава, растот во продажбата бил 90%, со тренд да продолжи. Делумно, сметаат некои, заслужни за кам-бекот на касетите се музичарите од електронската сцена, кои во касетите гледаат начин да добијат посебни изданија и да стигнат до публиката ширум светот во физички формат, наместо во дигитален.
Порано годинава медиумите пишуваа за National Audio Company (скр. „NAC“) – последната фабрика за касети во САД, која се наоѓа во Мисури. Иако ЦД-ињата ги заменија касетите пред речиси 20 години, според генералниот директор на компанијата – Стив Степ, касетите се произведуваат сега повеќе од било кога. Компанијата постои уште од ’60-тите, а во меѓувреме нивното производство било сведено само на специјални нарачки. Тоа се менува во 2014-та, кога од фабриката се излезени 10 милиони касети. Во 2015-та тој број се покачил за повеќе од една третина, а во 2016-та за многу повеќе.
„Бевме премногу тврдоглави да престанеме со производство. Сега правиме повеќе аудио касети од било кога“, вели Степ. Според него, неговата компанија најмногу ќарила од „ретро движењето“. Додека држите касета во рацете, не можете да не ја почувствувате носталгијата.
NAC соработува и со големи издавачи како Sony и Universal, но има и помали договори со независни бендови кои, според Степ, го преферираат „топлиот аналоген звук“.
Роберт Ковертсон, главен техничар во фабриката, вели дека новите генерации ги откриле касетите и им се допаднале. Нема сомнеж дека касетите се враќаат во мода, вели тој, додавајќи дека сите позначајни светски бендови одговориле потврдно на поканата за соработка.