„Ве молиме да му изложите на г. Баучер и на сите пријатели на вистината и правдата дека идејата за автономија на Македонија кај нас е продолжение на идејата на нашата бивша ВМРО и дека таа идеја не е преодна состојба, наложена од случајни прилики, туку е природен излез за ставање крај на едно тешко и крваво минато и за полагање основа на почеток на зближување на балканските народи и држави“ – се вели во дописот од 1919 г. на Привременето претставништво на ВМРО до нивниот преставник во Париз Пол Христов.
По завршувањето на Првата светска војна (1914 – 1918) доаѓа до раздвижување на македонското ослободително движење. Во октомври 1918 година, први се јавуваат Серчани со Декларација со која повикуваат на реафирмирање на борбата на македонскиот народ врз принципот на автономија на Македонија. Во неа тие велат дека „го креваме старото знаме на македонската автономија, знамето на балканската слога и на идното балканско братство… Македонија треба да се востанови во нејзините географски граници…“ Овие принципи потоа биле доработени од Димо Хаџи Димов во брошурата „Назад кон автономијата“ (1919 г.).
Врз основа на овие принципи, помеѓу Серчани и претставниците на бившата Внатрешна револуционерна организација во Западна Македонија била постигната спогодба за обединување на овие крила во македонско национално револуционерно движење. Самото обединување било означено како продолжување на делото на бившата целокупна внатрешна организација. Во Привременото претставништво влегле истакнати револуционери од македонското револуционерно движење меѓу кои биле: Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Петар Поп Арсов, Туше Делииванов, Ризо Ризов, Михаил Герџиков, Александар Бујнов, Таската Серски, Ѓорѓи Скрижовски, Чудомир Кантарџиев, Стоју Хаџиев и други.
По создавањето на Привременото преставништво на внатрешната македонска револуционерна организациција се започнало со создавање на организации на територијата на Бугарија, таму каде што живеело бројно македонско население. Набрзо почнал да излегува и Билтен, орган на Привременото претставништво, во кој биле објавени статии за нивните принципи, односно барањата Македонија да се востанови во нејзините географски граници.
Во пролетта 1919 година Привременото претставништво на поранешната ВМОРО го пратила на Мировната конференција во Париз архимандритот Пол Христов, генерален викар на Тракија, како нејзин претставник, за да може лично на членовите на Конференцијата, „од името на Македонија, а не од Бугарија, да им ги изложи барањата на македонскиот народ“.
По доаѓањето во Париз, Пол Христов воспоставил врски со влијателните личности, пријатели на Македонија. Меѓу нив и со Џемс Баучер, истакнат британски јавен работник, новинар и публицист. Тој бил голем пријател на Македонија уште од 1903 година, кој својата дејност ја продолжил и по Илиненското востание. Баучер бил активен и за време на Мировната конференција во Париз. На 26 фебруари 1919 г. тој испратил Меморандум до британските политички фактори во кој се залагал за правилно решавање на македонското прашање.
На 10 април 1919 година, архимандритот Пол Христов, протестира до Жорж Клемансо, претседателот на Мировната конференција во Париз, против активноста на Извршниот Комитет на македонските друштва во Софија, кои не ја застапуваат македонската кауза и бара ауденција за да ги изложи барањата на македонскиот народ.
Пол Христов го информирал Привременото претставништво на поранешната ВМРО дека „Идеите се во ваша полза, се оцртуваат и интересите на вашата страна, но страстите се против вас, целосно против вас… Вашите пријатели се многубројни, но и вашите непријатели не се малку и овие последниве не престануваат да предизвикуваат чувство на омраза и одмазда“.
Известени за неговите активности, како и за случувањата на Париската мировна конференција, Претставништвото на Организацијата истата година испраќа до пресветлиот отец Пол Христ во Париз, допис потпишан од Михаил Герџиков, П. Ацев, Ѓ. Петров, Т. Спасов (Серски), Димо Хаџи Димов и Павел Христов, во кој се вели.
„Изненадени сме од радоста за добрите вести што ни ги соопштивте, па затоа и побрзавме да Ви ја искажеме својата длабока благодарност за се што извршивте и продолжувате да вршите во заштита на нашата кауза. Ние не отстапуваме и постојано сме со своите желби и чувствата, но она што Вие така вдахновено и со таква неискажана усрдност го пројавивте во својството на наш полномошник, особено не возбудува, и дека нашите чувства кон Вас нема да се намалат ниту за влакненце од својата сила и при најнесреќното разрешување на нашето прашање. Вие сте нешто повеќе од син на својата татковина и таа ќе Ве има како таков, макар што и да стане со неа. Од нејзино име Ви благодариме!
Што се однесува до линијата на Вашата претстојна дејност, ние сме наполно согласни. Особено многу се радуваме дека во однос на нашето прашање сте во врска со хумани и големи научници и општественици, среќно групирани околу незаборавниот филантроп и заштитник на малите народи, г. Баучер. Ние си дозволуваме од далеку да го поздравиме, зашто во негово име и во името на нивните благородни лица ние гледаме нова морална сила која ќе Ви помогне да внесете повеќе светлина и повеќе правда во нашето прашање.
Благодарете му нему лично од наше име, благодарете им исто така и на сите негови соработници, молејќи Ве истовремено на идната просветна и справедлива преценка да ги поднесете долуизложените наши податоци и декларации по прашањата кои така благосклоно ги проучуваат, а кои ја засегаат иднината на еден многу несреќен народ.
Во својството на претставници на Обединетата бивша македонска револуционерна организација во Македонија, должни сме преку Вас да го информираме надворешниот свет и претставниците на културното човештво, со кое судбината Ве собрала за следните работи:
1. Во тек на неколку месеци успеавме да ги сплотиме сите македонски бегалци во Бугарија и населението во Македонија под знамето на самостојно суштествување на Македонија при полна географска и економска целина и под полна заштита на Лигата на народите.
Сплотувањето на вчерашните и денешните изгнаници на Македонија, макар и при големото ограничување на печатот и собранијата, стана брзо поради единствената причина дека на чело застанаа дејците од некогашната ВМРО, кои одново го поставија македонското прашање на дневен ред, таму каде беше го оставила Организацијата.
2. Ние ги разобличуваме сите јавни лица и групации во Бугарија, кои од името на Македонија аспирираат на „национално обединување”, т.е. за присоединувањето на извесни македонски делови кон Бугарија.
3. Ние ги разобличивме исто така и сите оние дејци што со најформални акции се отстранија од револуционерниот пат и помогнаа судбината на Македонија да се сврзе со каузата на Бугарија.
4. Ние водевме отворена борба против стремежите на официјалната бугарска политика, за која македонското прашање се сведува до прашање на монета за поткусурување.
Изјавувајќи го горното, ние Ве молиме да му изложите на г. Баучер и на сите пријатели на вистината и правдата дека идејата за автономија на Македонија кај нас е продолжение на идејата на нашата бивша ВМРО и дека таа идеја не е преодна состојба, наложена од случајни прилики, туку е природен излез за ставање крај на едно тешко и крваво минато и за полагање основа на почеток на зближување на балканските народи и држави.
Сакајќи искрено од Македонија да направиме една држава која ќе создаде најсрдечни односи меѓу балканските народи, ние, сите што се борат за тој голем идеал, се поклонуваме пред Вас.
Примете ги, Ваша Пресветлост, изразите на нашите болки, симпатии и вечна преданост.“
Меѓутоа, македонските пријатели меѓу кои и САД не беа доволно силни да го наметнат својот став пред европските големи сили кои ги штитеа интересите на балканските држави. Мировната конференција одби да го прими овластениот делегат на Привременето претставништво на внатрешната македонска револуционерна организациција Пол Христов за да ги изнесе пред Конференцијата „желбите на македонскиот народ“.
На Мировната конференција во Париз беше санкциониран поделбата од Букурешт 1913 година, а Македонија остана распарчена меѓу нејзините соседи, Србија, Бугарија и Грција.
(извор: Документи од борбата на македонскиот народ за самостојна и за национална држава, том први, Скопје, 1981, стр. 611 – 612)
Македонска нација