Азербејџан почна „антитерористички операции“ во Нагорно Карабах, Русија апелира на запирање на крвопроливањето

Азербејџан денеска соопшти дека почнал „антитерористички операции“ против ерменските сили во Нагорно-Карабах, што со децении наназад е спорна територија меѓу двете земји и причина за неколкуте воени судири.

Азербејџанското Министерство за одбрана соопшти дека операцијата „со помош на високопрецизно оружје“ почнала неколку часа по смртта на четворица војници и двајца цивили во експлозија на мина во Нагорно-Карабах, една од најминираните области во светот.

Новинарите на Франс прес јавија дека слушнале детонации во Степанакерт, главниот град на Нагорно-Карабах.

Нагорно-Карабах и голем дел од околните територии се под ерменска контрола од крајот на сепаратистичката војна во 1994 година, но Азербејџан ги врати овие територии во шестнеделната војна во 2020 година, која заврши со прекин на огнот со посредство на Русија, а оттогаш таму се наоѓа и контингент руски мировници.

Азербејџан тврди дека по примирјето, Ерменија шверцува оружје во областа. Поради овие тврдења, блокиран е единствениот пат што го поврзува Нагорно-Карабах со Ерменија, што предизвика недостиг на храна и лекови во тој регион.

Ереван го обвинува Баку, кој ги негира обвинувањата, дека предизвикал хуманитарна криза во Нагорно-Карабах со блокирање на „Коридорот Лачин“ од крајот на 2022 година, а ја обвинува и Русија дека не прави ништо.

Русија денеска апелираше до Азербејџан и Ерменија да го „запрат крвопролевањето“ во Нагорно-Карабах и да се вратат на „мирно решение“ на ситуацијата во оваа енклава.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека „Русија итно повикува на прекин на крвопролевањето и враќање на мирно решение“, додавајќи дека „сите фази на мирно решение се прецизирани во договорите потпишани во 2020 и 2022 година“.

МИА

- Реклама -