Баербок: ЕУ треба да продолжи да ја снабдува Украина со оружје, потребно е гласање со мнозинство

Шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, денеска изјави дека Европската Унија направила сѐ за да ја запре војната во Украина, но рускиот претседател Владимир Путин не размислува на ништо друго освен да ја уништи државата.

Таа на прес-конференцијата во Лисабон истакна дека поради таквиот став на Путин е „важно да се продолжи со снабдување со оружје, за да може Украина да се брани себеси и животите на својот народ“.

Баербок наведе дека Германија бара повеќе начини да му помогне на Киев да ги заштити населението и инфраструктурата, а слабеење на одлучноста на Европа по ова прашање, рече, ќе биде во корист на Москва.

„И оваа година мораме да го заштитиме и понатаму да го развиваме заедничкото европско единство што нѐ направи силни минатата година“, посочи Баербок.

Прочитајте и:  Путин со обраќање до нацијата: Конфликтот доби глобален карактер

Според неа, ЕУ не може да си дозволи одлуките да бидат блокирани од поединечни земји-членки.

„Гласањето со квалификувано мнозинство може да доведе до поправедни резултати за сите нас. Треба да бидеме способни да дејствуваме ефикасно и брзо“, истакна германската министерка за надворешни работи.

МИА

- Реклама -