Иран ќе ги употреби сите достапни алатки за да пружи јасен и ефективен одговор на ционистичкиот режим, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Исмаил Багеи алудирајќи на израелскиот воздушен напад пред два дена врз ирански воени цели.
Тој додаде дека „природата на одговорот на Иран зависи од природата на израелскиот напад“, но не даде детали.
– Израелскиот напад не треба ниту да се омаловажува, ниту да се преувеличува, посочи Багеи.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи вчера истакна дека иранските власти треба да го одредат најдобриот начин за да ја покажат иранската сила на Израел.
Голем број израелски воени авиони на 26 октомври нападнаа фабрики за проектили и други објекти во близина на Техеран и во западен Иран.
Израелскиот напад беше одговор на иранскиот ракетен напад од 1 октомври врз Израел.
Иран го поддржува Хезболах, кој се бори против израелските сили во Либан, и палестинската милитантна група Хамас, која се бори против Израел во Појасот Газа.