Бајден бара од Конгресот да и отпише долг на Украина од 4.6 милијарди долари

Американскиот претседател Џо Бајден планира да отпише дел од долгот на Украина настанат преку економска помош, како и да воведе голем број други мерки за поддршка на напорите на Украина пред доаѓањето на администрацијата на Доналд Трамп.

Според американските медиуми, Бајден до Конгресот доставил изјава за намера да отпише половина од долгот на Украина за економска помош, во износ од околу 4,65 милијарди долари.

Дополнителниот пакет за безбедносна помош од 61 милијарда долари, што Конгресот и го додели на Украина во април, вклучуваше околу 10 милијарди долари економска помош како заем. Условите на понудата во тоа време му дадоа на Бајден овластување да прости до 50 отсто од тој заем.

– Го презедовме чекорот што го бара законот за да ги укинеме тие заеми, да ја обезбедиме таа економска помош за Украина, а сега Конгресот е добредојден да преземе иницијатива ако сака, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер. Тој додаде дека изјавата за намерите на Бајден била доставена до Конгресот минатата недела.

Прочитајте и:  Макрон го повика Путин да се вразуми, а Кина да го притисне за деескалација... потегот на Бајден го смета за „добра одлука“

Иако Конгресот има можност да го отфрли барањето на претседателот, Милер рече дека очекува поддршка од американските пратеници за олеснување на долгот.

– Би бил изненаден доколку Конгресот преземе таков чекор, со оглед на огромната двопартиска поддршка во Конгресот за пружање помош, но ние ќе го следиме законот, рече Милер.

Администрацијата на Бајден вети дека ќе ја зајакне поддршката за Киев пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата претседател на САД. Бајден вети дека ќе ги достави преостанатите шест милијарди долари помош доделени за Украина пред инаугурацијата на Трамп. Тој, исто така, одобри испорака на противпешадиски мини во Украина и го овласти Киев да напаѓа цели длабоко во Русија со ракети ATACMS.

- Реклама -