Бајден и неговиот кинески колега се сретнаа во Лима, последен пат пред доаѓањето на ерата на Трамп

„Кина е подготвена да работи со новата американска администрација за одржување на комуникацијата, проширување на соработката и управување со разликите“, рекол кинескиот претседател Си Ѓинпинг на средбата

Џо Бајден денеска ја оствари својата последна средба како претседател на САД со својот кинески колега Си Ѓинпинг, пред инаугурацијата на својот наследник Доналд Трамп, што, како што пренесе Ројтерс, е обид на двајцата лидери да ги намалат тензиите меѓу двете земји околу прашањата поврзани со киберкриминалот, трговијата, Тајван и Русија. 

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега Си Ѓинпинг се ракуваат на сребата во Лима / Фото: Принтскрин

Состанокот е организиран на маргините на форумот за азиско-пацифичка економска соработка во главниот град на Перу, Лима.  

Целта на Кина за стабилни, здрави и одржливи односи меѓу Кина и САД останува непроменета и по изборите, рекол Си на средбата, согласувајќи се дека во односите меѓу двете земји имало и подеми и падови.  

 „Кина е подготвена да работи со новата американска администрација за одржување на комуникацијата, проширување на соработката и управување со разликите“,

рекол Си. 

Бајден од своја страна му кажал на кинескиот колега дека двајцата лидери не секогаш се согласувале, но оти нивните дискусии секогаш биле искрени и отворени. 

„Во текот на изминатите четири години, односите меѓу Кина и САД доживеаја подеми и падови, но двајцата водевме плодни дијалози и соработка и генерално постигнавме стабилност“,

рекол Бајден. 

Кинескиот претседател, исто така, посочил дека двете земји треба „да продолжат да го бараат вистинскиот начин да се согласуваат“ и „да постигнат долгорочна мирна коегзистенција“, додека Бајден одговорил оти односот меѓу двете земји треба да се темели на конкуренција, а не на конфликт. 

Инаку, Вашингтон изрази загриженост поради неодамнешното хакирање на телефонските комуникации на американски владини претставници и предизборниот штаб, како и поради сè поголемиот притисок на Пекинг врз Тајван и поддршката на Русија. 

Како што наведува Ројтерс, тајванскиот претседател Лаи Чинг-те планира да ја посети американската сојузна држава Хаваи, а можеби и територијата Гуам, што најверојатно ќе предизвика гнев кај Пекинг.  

Инаку, Бајден на самитот во Лима се сретнал и со претставник на Тајван, кој го поканил да го посети Тајпеј во блиска иднина. 

Од состанкот на Бајден и Си во главниот град на Перу / Фото: Принтскрин

Кина го смета Тајван, кој е управуван од демократски избрана влада, за своја територија, додека САД се најважниот меѓународен спонзор на Тајван, како и снабдувач со оружје, и покрај непостоењето на формално дипломатско признавање. 

Кинеската економија, пак, е тешко погодена од трговските мерки на Бајден, вклучително и планот за ограничување на американските инвестиции во кинеската вештачка интелигенција, квантните компјутери и полупроводниците, како и ограничувањата во извозот на напредни компјутерски чипови.  

Пекинг рутински ги негира американските наводи за хакирањето, на Тајван гледа како на свое внатрешно прашање и протестира против американските изјави во врска со кинеско-руската трговија. 

- Реклама -