Бајден му вети на Зеленски напредни системи за воздушна одбрана

Во телефонски разговор синоќа, американскиот претседател Џо Бајден на украинскиот претседател Володомир Зеленски му ветил продолжување на „континуираната поддршка за Украина потребна за нејзина одбрана, вклучувајќи и напредни системи за воздушна одбрана”, информираа од Белата куќа.

Во разговорот Бајден „изразил сочувство за блиските на убиените и ранетите во овие жестоки напади”. Бајден, исто така, го потенцирал „неговиот тековен ангажман, заедно со сојузниците и партнерите, за Русија да плати висока цена и да биде повикана на одговорност за своите воени злосторства и ѕверства“, се вели во соопштението.

По разговорот со Зеленски, Бајден на Твитер напиша дека „воздушната одбрана сега е приоритет број 1“ во одбранбената соработка со Украина.

Бајден вчера ги осуди руските ракетни напади, потенцирајќи дека тие „уште еднаш ја демонстрираат екстремната бруталност на илегалната војна на г-дин Путин против украинскиот народ“ и дека само ја засилуваат одлучноста на САД да продолжи со поддршката за Украина „онолку колку што е потребно“.

„Заедно со нашите сојузници и партнери ќе продолжиме да нанесуваме цена за Русија за нејзиниата агресија, ќе ги повикаме Путин и Русија на одговорност за ѕверствата и воените злосторства, и ќе продолжиме со поддршката за украинските сили во одбрана на својата земја и слобода“, изјави Бајден, повторно повикувајќи ја Русија да ја оконча војната и да ги повлече војниците од Украина.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, пак, соопшти дека разговарал со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и ја потврдил поддршката на САД за Украина по „страшните напади“ од Русија.

Прочитајте и:  Белоусов: Украинската воена кампања за 2025 година пропадна

„Ќе продолжиме да обезбедуваме непоколеблива економска, хуманитарна и безбедносна помош за Украина да може да се брани и да се грижи за својот народ“, напиша Блинкен на Твитер.

Осуда за „ужасните и неселективни ракетни напади на Русија врз цивилни мети“ имаше и од НАТО, преку генералниот секретар Јенс Столтенберг. Тој информираше дека, исто така, разговарал со Кулеба и ветил континуирана поддршка на НАТО за Украина против руската агресија, „колку и да биде потребно“.

Системи за противвоздушна одбрана за Украина вети и Германија. Како што соопшти германската министерка за одбрана, Кристин Ламбрехт, во рок од неколку дена земјата ќе ѝ го испорача првиот од четирите противвоздушни ракетни системи ИРИС-T СЛМ на Украина.

„Обновениот ракетен истрел против Киев, како и против многу други градови, покажува колку е важно Украина брзо да биде опремена со системи за противвоздушна одбрана. Руските ракетни и беспилотни напади пред сѐ го тероризираат цивилното население. Затоа сега даваме поддршка, особено со оружје за противвоздушна одбрана“, изјави таа, откако Германија ги осуди руските напади и вети дека ќе помогне во санирањето на штетите на граѓанската инфраструктура.

Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, осудувајќи ги „намерните напади насочени врз цивили“, оцени дека таквиот потег на Русија „претставува фундаментална промена во природата на оваа војна“.

Извор: МИА

- Реклама -