Бектеши се сомнева дека плановите на ЕСМ за купување струја протекуваат до одредени трговци со електрична енергија

„Од искуство можам да кажам одредени работи – портфолијата што ги подготвува ЕСМ за производство и за купување на електрична енергија за снабдувања на домаќинства и мали потрошувачи, тие портфолија не треба да бидат изнесени надвор кон одредени трговци или слично. Затоа, јас ги повикувам и преку вашата емисија јавно – нека бидат потранспарентни, поотвроени, нека ги објавуваат набавките, нека објават колку купуваат и од каде купуваат на берзата“, вели Крешник Бектеши, ексминистер за економија од 2017 до 2024 година и член на раководството на ДУИ

Бектеши: Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) е најнетранспарентната компанија во државата во моментот кога зборуваме.

360°: Зошто?

Бектеши: Поради тоа што секој граѓанин може да влезе и да види и потрошувачка и производство на електрична енергија. Недостасуваат часовно минимум 150, па во одредени часови и над 200 мегават-часа електрична енергија која се набавува од ЕСМ, а не се објавуват јавните повици за набавка, купувањата што ги прават на берзата, и на домашната берза. Тие треба да бидат свесни дека луѓето ги следат, а има и луѓе што десеткратно повеќе од нив знаат како работи тој систем и тие ќе излезат на виделина, но граѓаните треба да бидат подготвени.

 360°: Сакате да кажете дека некој има интерес таму?

Бектеши: Па, сигурно дека има некој интерес поради тоа што е нетранспарентно. Треба се да направат транспарентно, па граѓаните да одлучат сами и вие како новинари да направите истражување дали тие се водат согласно законот и на транспарентен начин. Се додека не се објавуваат, оставаат простор за сомневање и дополнително на тоа, ако има склучени рамковни договори нели треба да ги обзнанат пред граѓаните, да видиме по која цена се купува електрична енергија, од кои снабдувачи се купува, дали претходно одредени трговци купиле прекугранични капацитети за да можат само тие да ја снабдуваат Република Северна Македонија. И зошто ова го кажувам, затоа што ова можеби е стручно, јас не сум електроинженер, но од искуство можам да кажам одредени работи – портфолијата што ги подготвува ЕСМ за производство и за купување на електрична енергија за снабдувања на домаќинства и мали потрошувачи, тие портфолија не треба да бидат изнесени надвор кон одредени трговци или слично. Затоа јас ги повикувам и преку вашата емисија јавно нека бидат потранспарентни, поотвроени, нека ги објавуваат набавките, нека објават колку купуват и од каде купуваат на берзата. Знам дека ќе кажат ексминистерот не знае како функционира берзата. Знам како функционира берзата, тие купуваат од тоа што се понудува на берзата, но берзата е македонска берза и таму се знае и кој продава и кој купува од таа берза. Нека бидат потранспарентни поради тоа што ќе дојде денот тие информации ќе излезат во јавност и некој затоа треба да сноси одговроност. Ако е транспарентно, и новинарите и граѓаните можат да ги следат и вооедно да кажуваат за тоа што се прави.

360°: Според вас, ќе поскапи ли струјата од први јануари за домаќинствата?

Бектеши: Согласно моменталните податоци, ќе поскапи, за жал, ако нема субвенции од страна на државата, имајќи предвид дека и во август и во септември трошевме милионски суми во делот на купување на електрична енергија. Мометално, согласно моите сознанија и информациите што ги имам, РЕК ’Битола’ работи со два блока, ’Осломеј’ не работи, хидропотенцијалот би требало да биде околу 20% или помалку од 20% што е многу лошо за овој период на годината и дополнителни количини на електрична енергија ќе бидат потребни да бидат купувани до март што значи дека ЕСМ ќе потроши минимум 15 до 25 милиони евра само за купување на електрична енергија согласно производтсвото што го има во моментот. Не дај боже и никој да не посакаме да испадне некој од блоковите во Битола и тоа ќе даде потреба за купување на дополнителни количини од минимум 130 до 170 мегават-часа.

360°: И тоа прави притисок на цената.

Бектеши: Секако дека прави притисок на цената поради тоа што цените на берза најверојатно нема да бидат под 140-150 евра по мегават-час. Во право беше господинот Мицкоски, најверојатно раководството и министерството не слушаат нивниот премиер што им кажува кога излезе во јавност и кажуваше дека потрошувачката на електрична енергија и потребата за увоз на електрична енергија од страна на Украина ќе се зголеми. Зошто? Поради тоа што е уништена инфраструктурата и две третини од нивните потреби ќе бидат увезени. Со зголемувањето на потрошувачката во време на зима, секако дека ќе се зголеми цената. За нас е уште полошо поради тоа што повеќето од овие количини што ќе бидат увезени од Украина, се увезуваат од Унгарија, а нас референтна берза ни е унграската берза.

360°: И не треба да сте економски експерт, понуда-побарувачка и цената расте.

Бектеши: Секако, и тоа го кажа и самиот Мицкоски, што е во право, и овие треба да бидат подготвени да разговараат и со ТЕ-ТО да ги видат со ТЕЦ ‘Неготино’, нека направат и билатерални договори, подобро да се направи билатерален договор за целата зима и да не бидеш зависен од тоа дали ќе увезе 5 гигават-часа Украина или 10 гигават-часа.

360°: Билатерални договори – на што мислите конкретно?

Бектеши: Билатерални договори со одредени снабдувачи на електрични енергија, било тоа со Србија, било со Бугарија, со Грција, било тоа со Косово.

- Реклама -