Белингам го избра најталентираниот играч во Реал Мадрид

Белингам го избра најталентираниот играч во Реал Мадрид

Реал Мадрид синоќа, со извонредна партија на Килиан Мбапе, успеа да го совлада Манчестер Сити со резултат 3:1 и да си обезбеди место во осминафиналето од Лигата на шампионите. Иако Французинот одигра натпревар што долго ќе се памети, Џуд Белингам по мечот реши да го истакне фудбалерот кој, според него, не добива доволно признание и е еден од најнадарените во редовите на „кралскиот клуб“.

Мбапе доминираше на теренот и успеа да постигне хет-трик, конечно демонстрирајќи зошто Реал Мадрид со години вложуваше напори да го донесе во своите редови.

По завршувањето на натпреварот, Џуд Белингам не штедеше пофалби за својот соиграч, напоменувајќи дека Мбапе сега е во топ-форма и претставува постојана закана за одбраните на противничките тимови.

„Сите знаат колку е Килиан извонреден играч. Почетокот на сезоната не беше лесен за него – дојде во нова средина, требаше да се прилагоди, а врз него имаше и огромен притисок, бидејќи се очекуваше веднаш да почне да блеска. Сепак, прашање на време беше кога ќе проработи, бидејќи сите добро знаеме колку е талентиран и со каква неверојатна самодоверба игра. Но,морам да посочам еден играч кој често е занемарен – Родриго. За мене, тој е најталентираниот во Реал Мадрид“, изјави Белингам.

Покрај тоа, Белингам нагласи дека Родриго е не само најнадарениот, туку и најпосветениот играч во тимот. Според него, сите знаат дека неговата најприродна позиција е на левата страна, но никогаш не се жали, без разлика на тоа каде е поставен на теренот.

Со вакви настапи, Реал Мадрид ја потврдува својата моќ во најелитното европско натпреварување, а Белингам и Мбапе покажуваат дека создаваат партнерство кое може да биде клучно за идните успеси на тимот.