Најголемиот рок ен рол бенд во некогашна Југославија, легендарните „Бијело дугме“, во 2022 година доби своја македонска верзија, откако група наши музичари го започнаа проектот: „Бело Копче – Tribute Bijelo Dugme“!
Освежувајќи ни ги емоциите токму како своевиден Tribute бенд, чии членови буквално не само што во тон ја симнале музиката на оние, кои веројатно биле и нивни идоли, туку се трудат и физички што повеќе да личат на оригиналните членови на Дугме. И во изгледот со помош на мејкап, перики, разни маски и во облекувањето, но секако и во однесувањето на сцената, симнувајќи го секое движење, секој гест, секој изговорен збор на „главните јунаци“ од нивната рок ен рол приказна кои тие ги „глумат“ на сцената.
Оттогаш наваму прераснаа во најпознатиот македонски трибјут бенд, предводен од познатите музичари Стевче Грозданов – гитара и пејачот Зоран Рудан – Цеки, кој заедно со денешната постава во која покрај нив уште се и Горан Гешовски (бас), Борислав Драганов (клавијатури) и Емил Милев (тапани), постојано имаат бројни настапи и тоа не само низ Македонија, туку и надвор од неа.
Досега „верно на оригиналот“ и со музика и со изглед и со својот сценски настап го пресликуваа најголемиот рок ен рол бенд на сите времиња на овие простори, а отсега и со сопствена авторска музика, чиј старт го одбележа нивната прва песна и видеото за неа, насловена како „Сувенир из Сарајева“ (Сувенир од Сараево), наслов кој не е случајно избран.
Имено, музички целата песна оддава амбиент на прочуената сараевска школа од средината на 70-ите и 80-ите, кога прочуениот сараевски рокен ен рол мирисаше на Балкан. Од „Индекси“ и „Тешка Индустрија“, до „Црвена Јабука“, „Мерлин“ или „Плави оркестар“… И секако, над сите нив кога е општата хистерија и општојугословенска популарност во прашање, ненадминиливите „Бијело дугме“. Токму со таков сензибилитет, со таа нота на вдахновеност и шмек кој потсетува на тие убави времиња дише и првата песна на „Бело Копче“. Да е некое друго време, слободно би можела да биде нова песна на некои од споменатите бендови, вклучувајќи го и самото „Дугме“.
Музички перфектно отсвирена, пејачки Цеки ја вметнал целата експресија која ја поседува од влијанијата на големите пејачи како Бебек, Тифа или Ален, но вдахнал и свој дух и своја емоција, што на песната и дава дополнителна свежина која ја прави блиска и за новите деца… Рок балада за сите генерации!
И не случајно песната е отпеана на српско – хрватски јазик, зашто „Бело копче“ во своите планови има и како трибјут на „Бијело Дугме“, но и со авторски песни да проба да ги освои просторите на бивша Југославија и пошироко, иако по разно-разни ивенти, манифестации и рок фестивали веќе се доста застапени.
Музиката е на стариот проверен мајстор и хит мејкер Саша Драгиќ, текстот го напишал Владимир Митровиќ, а аранжманот го направил Стевче Грозданов која ја програмирал и отсвирел песната. Истата е снимена во студиото „Целофан“ во Скопје, додека миксот и мастерингот ги направил Горан Гешовски.
На „Сувенир из Сарајева“ совршено се надоврзува едноставното , но мошне функционално видео во кое покрај членовите на бендот се појавува познатата македонска актерка Катерина Шехтанска, како фотографката на групата во видеото, кое го потпишува AleXanDeR, псевдоним зад кој се крие името на познатиот македонски музичар и режисер на видеоспотови, Александар Ристовски Принц.
Како сето тоа изгледа и звучи спакувано во првенчето на „Бело Копче“ како „Сувенир из Сарајева“ за сите вас, проследете во продолжение
LINK од песната: https://youtu.be/KTAldhILXxQ?si=hGSAd72nmlyqDzP