Бербок: Кина води „агресивна“ надворешна политика и презема „репресивни“ акции

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска остро ја критикуваше Кина, тврдејќи дека Пекинг води „агресивна“ надворешна политика и презема „репресивни“ акции.

Обраќајќи им се на претставниците во Парламентот, три дена по нејзината посета на Пекинг, Бербок рече дека, иако Кина сè уште е најголем трговски партнер на Германија, таа е исто така конкурент и системски ривал на западните демократии.

„За жал, мојот впечаток беше дека сѐ повеќе се зголемува аспектот на системско ривалство. Не само затоа што Кина се однесува поофанзивно и поагресивно во странство, туку станува порепресивна и дома“, рече германската министерка.

Таа откри дека за време на нејзината дводневна посета на Кина не ги користела своите мобилни телефони и морала да ги држи заклучени во мал куфер од безбедносни причини.

Прочитајте и:  Бербок: Нетанјаху може да биде уапсен доколку допатува во Германија

Бербок истакна дека Германија ќе ги ребалансира односите со Кина, согласно новата стратегија на Европската унија кон оваа земја.

„Би сакале да соработуваме со Кина, секаде каде што е можно. Но, не сакаме да ги повторуваме грешките од минатото. Не сакаме да бидеме наивни и да веруваме дека промената ќе дојде преку трговијата“, изјави Бербок.

МИА

- Реклама -