Манчестер Сити синоќа доживеа елиминација од Лигата на шампионите по поразот во дуелот со Реал Мадрид, што за многумина е јасен знак дека тимот е пред сериозни промени во играчкиот кадар. Се верува дека одредени фудбалери веќе го дадоа својот максимум за клубот и дека е време за освежување.
Во последните неколку сезони, Манчестер Сити беше меѓу водечките екипи во светскиот фудбал, но оваа сезона тимот на Пеп Гвардиола забележа значителен пад во формата. Достигнувањето до крајот на сезоната без ниту еден голем трофеј се чини како можен исход, што дополнително го отвора прашањето за неопходни промени.
И покрај тоа што успеаја да стигнат до нокаут-фазата во елитното европско натпреварување, „граѓаните“ не можеа да направат чекор понатаму, бидејќи Реал Мадрид беше далеку поуспешен во двата натпревари, остварувајќи вкупна победа од 6:3.
Се појавува мислење дека дојде време за реконструкција и замена на генерациите, бидејќи некои од клучните играчи веќе не ја имаат истата свежина и влијание како во претходните сезони.Очигледно е дека Сити веќе не зрачи со истата доминација, а медиумите во Англија веќе шпекулираат за имињата кои би можеле да го напуштат клубот на крајот од сезоната.
Еден од првите кои би можел да замине е Кевин де Брујн,кој е во завршна година од договорот и многу е веројатно дека нема да остане на „Етихад“. Според шпекулациите,тој бара нова средина во која ќе ја продолжи својата кариера.
Дополнително, се појавија информации дека Бернардо Силва исто така би можел да се збогува со клубот.Овој фудбалер,кој оваа сезона играше на повеќе различни позиции,наводно донел одлука дека е време за нов предизвик.
Според медиумите, неколку клубови од Португалија, Шпанија и Саудиска Арабија пројавиле интерес за услугите на Силва, а веројатноста да ја промени средината во летниот преоден рок се чини сè поголема. На „Етихад“ веќе се свесни дека Португалецот можеби ќе одигра уште само неколку натпревари во дресот на Сити пред да замине во друга лига.




