БЕСА: Вклучување на Бугарите, но и албанскиот јазик да стане рамноправен со македонскиот во Уставот

„Се наоѓаме во историски и многу важен момент за иднината на државата, почитувајќи и промовирајќи ги сите вредности на вистинската демократија, и сметаме дека е исклучително важен момент да се поправат историските грешки преку внатре-етничка и меѓуетничка кохезија, кои се направени преку неадекватна формулација во Уставот на Република Северна Македонија и да се изгради устав кој ќе биде главен извор на мирот, толеранцијата и демократските вредности.

Затоа, Движењето БЕСА, врз основа на одредбите од член 130 од Уставот на Република Северна Македонија, преку ова барање предлага и бара од овластениот предлагач на уставните измени, односно Владата на Република Македонија, во текот на составувањето на нацрт верзијата на уставните измени која ќе биде испратена за расправа до Собранието на Република Северна Македонија за да се инкорпорира, покрај измената на уставната преамбула, и амандманите на V-тиот амандман на уставот на Република Македонија“, побара денеска Фатмир Сабриу од БЕСА, на прес-конференција, со што партијата и официјално го соопшти барањето за бришење на формулацијата „јазик на 20%“ како услов за уставните измени кои ги предвидува преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Прочитајте и:  Ден на албанската азбука: Ниту едно добиено право не може да се укине или ограничи - му порача Меџити на Уставен суд

Како што прецизираа од БЕСА, тие бараат измена во Амандманот V, точка 1, став 1 од Уставот, каде сакаат да стои следната формулација:

„На целата територија на Република Северна Македонија и во меѓународните односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик и неговото писмо“.

Соодветно на тоа, и другите ставови од Амандманот V треба да се прилагодат според став 1, бараат од партијата.

„Движењето Беса не е против вклучувањето на бугарската заедница во преамбулата на уставот на државата, но ние инсистираме да се смени амандманот V од уставот и албанскиот јазик да биде рамноправен со македонскиот јазик во Република Северна Македонија.

Убедени сме дека преку корекција, појаснување и интервенциите во членовите предложени погоре, значително ќе се поправи Уставот на земјата. Значи, со овие интервенции не само што ќе се зајакне мултиетничкиот и социјалниот карактер на државата, туку истовремено ќе се овозможи ефикасно функционирање на државните институции, што е многу важно за земја членка на НАТО и на државата која има за цел да биде дел од ЕУ“, истакна Сабриу.

- Реклама -