Бесплатна замена на возачките и сообраќајните дозволи, без надомест и патните листови за иселениците

Замената на возачките и сообраќајните дозволи поради промената на уставното име од утре ќе се врши бесплатно, а без надомест ќе бидат издавани и патните листови на нашите државјани во странство, а треба да се вратат поради промена на личните документи. Во државите каде нема дипломатско конзуларни претставништва издавањето на патните листови ќе биде он-лајн и со достава преку пошта. Најавена е и награда со исплата на една  плата за вработените во управните служби за ангажманот при издавањето документи.

Одлуките што ги донела денеска Владата ги соопштија на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.

-Од денеска го задолживме Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите правни акти за да постапи, а тоа возачките и сообраќајни дозволи за сите граѓани на РСМ коишто треба предвремено да се сменат да бидат без надомест.  Министерството за надворешни работи, пак, треба да преземе активности издавањето на патните листови за сите граѓани коишто живеат надвор од територијата на Северна Македонија кои имаат потреба да се вратат за да извадат патни исправи надоместот за патните листови да биде нула или ќе биде без надомест за нив. Дополнително, МНР исто така се задолжи да преземе активности соодветно издавањето на патните листови во државите каде што нема ДКП-а да биде направено онлајн и да бидат испратени по пошта за да нашите граѓани кои живеат надвор од територијата немаат дополнителни трошоци за да го добијат патниот лист, рече Битиќи.

Со ова, посочи, сметаме дека им излегуваме во пресрет после сите различни толкувања, недоразбирање на сите граѓани за да соодветно до крајот на годината постапат и се здобијат со патни исправи или други документи коишто им требаат, а се поврзани со промените на законите коишто беа направени.

Бојмацалиев истакна дека од утре на товар на МВР ќе се врши промена на возачките и сообраќајните дозволи со старото уставно име.

– Службите во МВР веќе ги изготвуваат сите интерни акти што ќе бидат потпишани од мене и од министерот за внатрешни работи, рече Бојмацалиев.

Тој најави дека вработените во управните служби ангажирани во промената на документите утре ќе добијат по една плата во висина на последната исплатена плата. Тој акт, како што рече, е потпишан и од него и од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Одлуките на Владата се донесени по решенијата што ги донела Работната група која пред две недели доби задача да најде решение за сообраќајните и возачките дозволи, патните листови и се што е поврзано околу менувањето или предвременото менување на документи заради законските одредби по уставните измени и промената на името на државата.

Битиќи денеска во одговор на новинарско прашање, во однос на тоа дали ќе им бидат рефундирани средства на граѓаните кои на време извадиле документи, напомена дека ова е прашање кое ќе се разговара на на владина седница.

-Ако сакате моето лично мислење, сметам дека е дискриминација за оние кои биле совесни да постапат според законските измени и тоа што се барало од нив. Поднеле на време барање за патни исправи, возачки и сообраќајни дозволи и сметам дека треба соодветно да се постапи, за да се изнајде начин како да им се оддолжиме, затоа што биле совесни граѓани на нашата држава, рече Битиќи на новинарско прашање за време на денешната прес-конференција.

Прашан дали чувствува одговорност што на 10-ти месец во 2020 година се издавале документи со РМ, и истите тие граѓани сега повторно треба да ги менуваат со новото име, Битиќи одговори дека првите патни исправи со новото име почнале да се издаваат во 2021 година. Како што рече, можеби веднаш по потпишувањето на договорот требало да се постапи соодветно, но бевме во период на корона-криза и граѓаните најмалку размислувале на патување.

-Јас се согласувам дека можеби требало од првиот ден кога е потпишан договорот да се постапи соодветно, но да не заборавиме дека бевме во период на ковид-криза, при што издавањето на патни исправи не беше прва нужност и прва потреба на самите граѓани. Не знам искрено колку од нашите сограѓани во тој период размислувале за патување, затоа што ни беше ограничена можноста за патување. Мислам дека првите патни исправи, поголемиот број на патни исправи почнаа веќе да се издаваат во 2021 година во седми месец, и соодветно можеби во овој период требаше поголема медиумска кампања за да се поттикнат граѓаните за да направат поголеми промени, рече Битиќи.

Прашан дали ќе им бидат рефундирани средствата на граѓаните, Битиќи рече дека прашањето ќе го разговараат на владина седница.

-Прашањето ќе го разговараме на Влада. Ќе видиме колку е тоа возможно. За жал, влегуваме во предизборен период кога имаме ограничување што се’ можеме да направиме и затоа сметаме дека ова што денеска го направивме е најмалку што во овој момент можевме да го направиме за сите граѓани на нашата држава, додаде Битиќи.

- Реклама -