Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски потпиша Меморандум за соработка со Националната установа „Театар за деца и младинци“ – Скопје со кој се проширува и зајакнува соработката во полето на културата и уметноста.
Со овој Меморандум им се овозможува на децата и младите во Општина Центар, ученици во училиштата и градинките на подрачјето на Општина Центар, организирани посети на претстави реализирани од НУ Театар за деца и младинци – Скопје, користење на просториите на НУ Театар за деца и младинци – Скопје, за потребите на Општина Центар и консултации и соработка со вработените во Театарот за деца и младинци – Скопје, за потребите на децата во училиштата и градинките на територијата на Општина Центар, во областа на културата и уметноста.
„Првите бесплатни билети во рамки на овој Меморандум се за посета на претставата „Како ќе го делиме мачорот“ за прво, второ и третонаградените учениците и наставници ментори од ООУ „11 Октомври“, „Киро Глигоров“ и „Коле Неделковски“ кои учествуваа во изведбите и подготовките на театарските претстави кои се одржаа минатиот месец, како и за учениците кои освоија награди на претставите за најдобра женска и машка улога од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ со менторот и од ООУ „Киро Глигоров“. Посетувањето на театарот и негувањето на културата и уметноста на децата уште во раната возраст носи висок степен на социјализација, креативност и самодоверба кај децата и учениците. Тоа е нов начин на културно изразување, нов креативен поглед на животот и високи амбиции за успех. И навистина ме радува што токму овие вредности ги обезбедуваме за нашите деца, ученици и млади“, изјави Герасимовски во НУ Театар за деца и младинци.
Главната цел на овој Меморандум е унапредување на мерките за општествена одговорност и хуманиот развој кај децата, развивање на општествена одговорност, солидарност и хуманост кај населението и децата, како и развивање на културата и уметноста. Соработката ќе вклучува заедничка работа на проекти во областа на културата и уметноста преку кои се развива филантропијата, општествената одговорност, хуманоста и емпатијата кај населението, културата и уметноста, а во исто време се работи на подобрување на квалитетот на живеење на децата и младите во Општината Центар.