Бибер: Пораките на Меркел за Северна Македонија ги покажуваат границите на германското влијание во ЕУ

Белград, 14 септември 2021 (МИА) – Коментирајќи ја прошталната посета на регионот на канцеларката Ангела Меркел, Флоријан Бибер – професор во Центарот за југоисточни студии на Универзитетот во Грац, оцени дека главна порака што Ангела Меркел би сакала да ја испрати е дека се надева дека Западен Балкан ќе остане важна тема за Германија по изборите, јави дописникот на МИА од Белград.

Бибер за Н1 изјави дека нејзините пораки за напредокот на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ ги разоткриваат границите на она што канцеларката Меркел и Германија можеа да го направат во однос на проширувањето.

„Ако имаме една земја како Бугарија, која не е најмоќна, а може да го блокира процесот на евроинтеграции, тоа ги покажува границите на германското влијание во рамките на ЕУ“, изјави тој.

Бибер потсети дека кога Ангела Меркел за прв пат ја презеде функцијата, имаше оптимистичко сценарио дека земјите од Западен Балкан може да станат членки на ЕУ, но само Хрватска влезе во Унијата.

„До одреден степен, тоа е неуспех на Германија во последните 15 години. Таа не е одговорна за тоа, но тоа ги покажува границите на германското влијание во регионот и во рамките на ЕУ“, оцени Бибер.

Според него, Србија и Албанија се „клучни земји“, особено поради соработката во иницијативата Отворен Балкан, а српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама се „најсилни политичари во регионот“, но дека посетата може нив да им испрати проблематична порака бидејќи тие повеќе се како господари отколку како политичари.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

Коментирајќи ја изјавата на членот на претседателството на Босна и Херцеговина – Жељко Комшиќ, дека Меркел ја поддржува политиката на Вучиќ, Бибер вели дека „не би го рекол тоа така едноставно“.

„Посетата не е автоматска поддршка. Тоа значи дека Меркел верува дека Србија е важна земја и дека е важно да се посети“, кажа тој, додавајќи „таа не беше доволно критична кон кризата на демократијата во Србија и претседателот Вучиќ“.

Тој кажа дека „од германска перспектива, секогаш било јасно“ дека на крајот од преговорите меѓу Белград и Приштина мора да има некакво признавање на Косово.

Меѓутоа, проблемот е во тоа што може ЕУ да им понуди на Србија и на Косово како награда за завршување на преговорите, оцени тој.

Според него, ЕУ не може да понуди „забрзано членство“ бидејќи другите земји можат да ги блокираат Белград или Приштина, а и затоа што „ситуацијата на демократијата во Србија е толку проблематична“.

Бибер смета дека политиката на Ангела Меркел кон регионот имаше добри страни, но дека канцеларката „не се ангажираше целосно“.

Берлинскиот процес не е лоша иницијатива, но не е доволно длабока и стратешка за да ги промени негативните трендови во регионот, кажа тој.

- Реклама -