Бислимоски: Не можеме да си дозволиме луксуз да се откажеме од рускиот гас, 100% од потребите снабдуваме од Русија

Во моментов земјава 100 проценти од потребите за природен гас ги обезбедува од Русија и е 100 процентно зависна, исто како и Молдавија и Босна и Херцеговина, и затоа не можеме да си дозволиме луксуз да се откажеме од рускиот гас, порача вечерва претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) – Марко Бислимоски.

„Мојот личен став е дека немаме таков луксуз да се откажеме од природниот гас. Имаме грејна сезона која е во тек и доколку би се откажале би требало да се грееме со мазут. Покрај тоа, сите компании кои го прават најголемиот извоз во државата користат природен гас. Таа ситуација би претставувала сериозен проблем за работењето на овие компании. Затоа сметам дека во вој момент не можеме да се откажеме од природниот гас, бидејќи реално не веруваме дека има алтернатива и не може во овој момент да има алтернатива“, рече Бислимоски во „Топ тема“ на ТВ Телма.

Откажувањето од рускиот природен гас, како што кажа, ќе предизвика сериозен удар врз македонската економија.

„Очекувам дека и Европската унија ќе треба да помогне во овој регион. Ако имаме проблеми со природниот гас ќе треба да се најде начин да ни помогнат. Верувам дека ќе преовлада разумот и дека ќе продолжи испораката на природниот гас. Во овој момент снабдувањето со природен гас е стабилно и непречено доаѓа. Работи Те-То, БЕГ работи и сите други компании. Го користат по драстично повисоки цени, но најскапа енергија е онаа што ја немате“, посочи Бислимоски.

Прочитајте и:  РКЕ: Издадени 254 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори

Нагласи дека не се осудува да прогнозира колкава ќе биде цената на гасот во иднина.

„Берзите, особено на енергенсите, во изминатите неколку месеци се осетливи на секоја изјава и на дневно ниво се менуваат дали нагоре или надоле и многу е тешко да се предвиди што ќе се случи. Во вторникот цената на гасот отиде до 3.000 долари, денеска падна за 50 до 60 проценти“, појасни Бислимоски.

Земјава, како што истакна, 80 до 90 проценти од нафтените деривати ги набавува од Грција.

„Затоа верувам дека снабдувањето ќе биде стабилно иако и Грција има некој дел руска нафта. Доколку Грција има проблеми и ние би имале проблеми, но сега за сега е стабилно“, потенцира Бислимоски.

- Реклама -