Битиќи: Нема да му дозволиме на Мицкоски да се коцка со македонската иднина и да ни ја прокоцка европската шанса

„Мицкоски може да се коцка со сопствената, но не и со македонската иднина. Ние тоа нема да му го дозволиме“, порача на Фејсбук вицепремиерот за европски прашања и потпретседател на СДСМ – Фатмир Битиќи, по денешните изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по лидерската средба со премиерот и лидер на СДСМ – Димитар Ковачевски.

„Тој очигледно ја препознал подадената социјалдемократска рака и, фатен во небрано пред одлуките кои мора да се донесат за нашиот европски пат, по кој знае кој пат повторно условува. Претходно, други од надвор ни поставуваа услови. Сега, Мицкоски во име на ВМРО-ДПМНЕ им поставува услови на Владата и на македонските граѓани за да го поддржи европскиот пат на земјата. Тоа ли е патриотизам? Не, тоа е обид да се добере до власт, а после тоа да измислува нови услови и нови блокади. Затоа, ние сме внимателни, нема да му дозволиме да ни ја прокоцка европската шанса која му се нуди на нашиот народ“, напиша Битиќи.

Според него, земјава има јасна и чиста европска шанса, а актуелните глобални текови, посочува, создадоа услови проширувањето на ЕУ со земји од Западен Балкан да биде скорешна реалност. Тие процеси, потенцира Битиќи, се очигледни и од збиднувањата во регионот.

„Наспроти сите обиди на проруските сили, Бугарија формираше политичка и проевропска Влада која негува проевропски вредности и тоа бездруго ќе се почувствува и во односите со Северна Македонија. Немоќен да види подалеку од хоризонтите на партиските и личните интереси, Мицкоски уште вели дека покрај сите гаранции од ЕУ ќе барал и економски пакет за земјата. Не знам дали не знае или лошо глуми дека не знае, дека таков нов Економски план за Западен Балкан и за Северна Македонија објави претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен на ГЛОБСЕК во Братислава.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Пораките од новиот економски план се јасни: Надополнување на Уставот веднаш, за економски раст веднаш, бидејќи Северна Македонија во одредени области добива пристап до единствениот пазар на ЕУ од 500 милиони потрошувачи за македонските фирми, што отвора дополнителни опции за нови инвестиции и производство во поголем обем“, вели Битиќи.

Изолацијата (наместо интеграцијата), потенцира, ќе нѐ оддалечи од европската поддршка за земјава да биде дел од европските политики за енергетска независност и трајна стабилност, но и ќе ни го затвори и одложи пристапот до финансиските средства за големите европски транспортни патни и железнички коридори.

„Сето ова, и многу повеќе, Мицкоски може да го донесе до ризик со неговото одбивање влада на обединување, влада на интеграција. Мицкоски условува. Дали и ВМРО-ДПМНЕ условува? Има ли сила ВМРО-ДПМНЕ да се дигне над себе и да застане конечно контра условувањата, односно ‘ЗА’ македонската интеграција и за македонското членство во ЕУ?
ВМРО-ДПМНЕ да си одлучи, оти нашата одлука е јасна. Нема откажување ниту алтернатива за средби и за дијалог и во институциите, во Собранието особено, кога во прашање е шансата за победа за македонските граѓани, за нашата држава“, заклучи вицепремиерот.

- Реклама -