„По прв пат ние како Влада имаме среднорочна стратегија за развој и среднорочно планирање на буџетот и со двата параметри некаде веќе четвртата година ние би требало да го спуштиме јавниот долг на 56%, 56.7%. Тоа значи дека во суштина економијата ќе генерира таков раст за да ние бидеме во ситуација да го намалуваме јавниот долг со раст на БДП“, изјави вицепремиерот за економски прашања – Фатмир Битиќи, во вчерашното гостување во „24 анализа“ на „ТВ24“.
Реплицирајќи му на соговорникот Трајко Славески, Битиќи истакна дека не може некој во апсолутна бројка да кажува дека ќе намалува јавен долг, а притоа БДП да стагнира.
„Мора економијата да расте, а секако секој еден денар задолжување треба да оди во насока на развој. Ако оди во насока на развој, тој ќе продуцира раст“, рече вицепремиерот.
„Ако во 2020 година ние не го направевме тоа што го направивме со справување на кризата, ние најверојатно ќе завршевме на пад некаде околу 10%. Сега сме на -4.5%“, порача тој.
Според Битиќи, не само нашите, туку и бројките на меѓународните финансиски институции покажуваат дека мерките на владата резултирале со намалување на падот.
„Тоа ни дава за право за 2021, 2022, 2023, 2024 година да проектираме раст до 5.2%“, рече Битиќи.