Битиќи: Заедничките политички интереси со САД отвораат нови потенцијали за економскиот раст и развој

„Северна Македонија ја ужива целосната поддршка на САД за нејзините стратешки политики за полноправно членство на земјата во ЕУ“, истакнал вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за време на неговиот престој во САД, каде се сретна со високи претставници на Стејт департментот, Департментот за трговија и Департментот за финансии на САД и со претставници на Светската банка и ММФ, информираат од Владата.

Битиќи посочил дека заеднички било оценето дека европската интеграција не претставува само усогласување со збир на политики, туку се работи и за прифаќање на иднина која ќе донесе многу повеќе можности за просперитет и напредок за секого во земјава.

„Во нашите европски аспирации кои ги зајакнуваат идеалите на демократијата и просперитетот имаме силна поддршка од Вашингтон, но одлуката дали ќе изградиме држава која ќе ги отелотворува европските вредности ќе треба да се донесе од пратениците во Собранието на Република Северна Македонија“, вели Битиќи.

Тој го потенцирал признанието и охрабрувањето од американските власти за нашата забрзана енергетска диверзификација и транзиција кон обновливи извори.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

„Подеднакво значајно е и признанието, охрабрувањето што го добивме за нашата забрзана енергетска диверзификација и транзиција кон обновливи извори, со која правиме скок нанапред во однос на одговорноста за животната средина и создаваме нови економски можности кои ќе значат повеќе и добро платени работни места за нашите граѓани, помали трошоци за енергија, посилна и поотпорна економија на енергетски кризи. Станува збор за создавање на енергетски одржлива економска иднина, во чие создавање сме и ќе бидеме поддржани од САД и меѓународните финансиски институции“, истакнува Битиќи.

На средбите во САД, високите политички претставници на американската администрација ја потврдиле соработката и споделувањето на заеднички политички вредности, интереси и цели на глобалната сена, потенцираат од владината прес-служба.

„Ова стратешко партнерство, втемелено во одличните билатерални односи и сојузништвото во НАТО, не само што ја зајакнува геополитичката положба на Северна Македонија, туку преку продлабочување на економските односи ќе отвори нови и одржливи извори на економскиот раст и развој, технолошкиот напредок и просперитетот на државата“, заклучил Битиќи.

- Реклама -