Битиќи: Владата мора да реагира – инфлација 3%, цените растат 30%

Битиќи: Владата мора да реагира – инфлација 3%, цените растат 30%

Пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, смета дека кога мерките се носат од популистички причини, неизбежно е да следат критики со соодветна реторика. Ова негово гледиште се однесува на неодамнешната одлука за ограничување на маржите на десет проценти.

– Кога ние воведувавме мерки, тие беа водени од економски мотиви. Во одредени моменти, замрзнувањето на цените и ограничувањето на маржите беа потези со чисто економска логика. За разлика од тоа, последната одлука, практично, претставува принудна мерка на ВМРО-ДПМНЕ, донесена поради ситуација во која таа партија се најде под императив „мора да се преземе нешто“, резултирајќи со панична реакција предизвикана од одредени неповолности во стопанството – изјави Битиќи во емисијата „Топ тема“.

Тој нагласи дека како политичар би било лицемерно да ја критикува власта за одлуки кои во даден момент биле неопходни, а потоа, кога самиот би бил на власт, да ги презема истите мерки и да ги оправдува со наратив дека „нема друг избор поради претходните лоши практики“.

– Кога во една држава има висока инфлација, често мора да се преземат мерки кои не се омилени кај стопанството. Но, Македонија е меѓу ретките земји каде што при ниска инфлација, цените во малопродажбата растат многу повеќе од реалните економски показатели. Во моментов, инфлацијата изнесува околу три проценти, додека поскапувањата на некои производи надминуваат 30 проценти, што претставува нелогично пазарно однесување. Владата не може да остане пасивна и само да анализира ситуации, потребна е брза реакција – потенцира Битиќи.

Во наредните два дена се очекува Владата да донесе конкретна одлука за ограничување на маржите на основните прехранбени производи.