Битката за наследството на Руперт Мардок ќе се одвива зад затворени врати


Битката за контрола на глобалната телевизиска и издавачка империја на Руперт Мардок започнува во понеделник во судница во Рено, во американската сојузна држава Невада, каде судијата ќе го разгледа спорното прашање за наследување.

Сега 93-годишниот Мардок се обидува да ги промени условите на семејната фондација која има значителен удел во телвизјата Fox News и сопствеништвото на весникот The Wall Street Journal, односн медиумската корпорација News Corp.

Милијардерот се обидува да обезбеди медиумските компании да останат под контрола на неговиот најстар син, Лаклан Мардок, по неговата смрт, објави The New York Times кој добил увид во запечатениот судски документ со поединости за драмата за наследување.

Во оставинскиот суд ќе се одржи рочиште за да се утврди дали Мардок постапува со добра волја. Постапката е затворена за јавноста.

Судија од Невада во четвртокот ја отфрли жалбата на агенцијата Reuters, како и на други новински организации расправите во судницата да бидат јавни.

Новинските организации рекоа дека судбината на таквите културно и политички влијателни медиуми е прашање од јавен интерес, но судијата рече дека е неопходно да се спречи откривање на доверливи лични и финансиски информации.

Повеќето документи остануваат запечатени.

Фондацијата Мардок е основана во времето на разводот на Руперт Мардок од неговата втора сопруга Ана во 1999 година. Основата е срество преку кое постариот Мардок ги контролира News Corp и Fox, со приближно 40 проценти од акциите на секоја компанија со право на глас.

По смртта на Руперт Мардок, акциите ќе бидат префрлени на неговите четири најстари деца – Пруденс, Елизабет, Лаклан и Џејмс. Потенцијално, тројцата наследници би можеле да го надгласаат четвртиот, со што ќе започне битка за иднината на компаниите, иако Лаклан Мардок раководи со Fox и е единствениот претседател на News Corp.

Предложениот амандман на Руперт Мардок ќе го блокира секое мешање од трите политички умерени браќа и сестри на Лаклан, објави NYT, повикувајќи се на запечатениот судски документ.

Се смета дека Лаклан Мардок е идеолошки сличен на неговиот конзервативен татко.

Џејмс Мардок, кој донирал за таканаречените прогресивни политички групации, поднесе оставка од одборот на News Corp во 2020 година, наведувајќи несогласување околу уредувачката политика.

- Реклама -