Градот ме тера да пеам
Го живеам својот сон
Градот ме тера да пеам
Грешам половина тон…
Дали знаете дека ПМГ Рекордингс имаат над 200 изданија, а токму јубилејното двестото ја има песната Градот ме тера да пеам.
Градот ме тера да пеам
Наутро рано пред оџа да писне
грло ќе стисне… за тебе.
Денес во Битола, Акто фестивалот собра многу млади музичари, продуценти, диџеи и го исполни градот со луѓе што сакаат да пеат. На прилично кул целодневен настан организиран токму под насловот „Градот ме тера да пеам“, Акто остварува соработка со последната платформа која ја лансираше Мирко Попов пред да стане бесмртен – СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ.
„Градот ме тера да пеам“, е една од овие соработки, која започна да се развива на почетокот на оваа година со цел Битола да биде обоена во музика, да ги чуе во живо и да танцува на песните од младата генерација музичари и диџеи, претставници на современата македонска поп, рок, инструментална краут рок и електронска музичка сцена.
Настанот започна во Јагода со промоција на винил-изданието „Поп Култура“, но и диџејски сетови на Димчуга [WHY2K?] + Кекиќ [MINT] + ГЛВ [MINT].
Плочата „Поп култура“ е компилација на млади и современи македонски автори и е прилично ретко издание во македонската естрада. Тука се поместени песни на цела плејада идни легенди на македонскиот поп: Аудио Цигла (Audio Cigla), Миа Перевска (Mia Perevska), Дина Јашари (Dina Jashari), Андреја Салпе (Andreja Salpe), Зи (Zee), Јанг Дади (Young Dadi), Матеј Фолтц (Matej Foltz) и Слаткаристика (Slatkaristika).
Вечер, (повторно во Јагода, ама овој пат во диското) Акто продолжува „да пее“ – најпрво со концерти на Димитра, „Д Локал Блу“, „Занаду“ и „Поетроника“, а целодневната журка ќе заврши со диџеј сетови на Јос и Мартина Пенева.