Блинкен: Нема значителен напредок во преговорите меѓу САД и Русија за украинската криза

Женева, 21 јануари 2022 (МИА) – САД и Русија денеска не постигнаа значителен напредок во преговорите за украинската криза, но сега се на „појасен пат“ кон разбирање на ставовите на другата страна, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Женева.

Блинкен изјави дека денешниот разговор со Лавров бил „искрен и значаен“ и додаде дека тој презентирал неколку идеи на Вашингтон за зголемување на безбедноста и за тоа во кои области двете страни можат да најдат заеднички јазик.

– Не очекувавме дека денеска ќе има некои големи придвижувања, но верувам дека сега сме на појасна патека кон разбирање на позицијата на другата страна“, рече Блинкен.

Тој изјави дека Лавров повторно инсистирал на тоа дека Русија не планира инвазија на Украина, но додаде дека САД и нивните сојузници не се убедени во тоа.

– Го гледаме она што е видливо за сите, клучни се делата и постапките, а не зборовите, рече американскиот државен секретар.

Лавров рече дека состанокот бил „конструктивен и корисен“ и додаде дека САД се согласиле писмено да и одговорат на Москва следната недела на барањата за неширење на НАТО кон Украина и другите поранешни советски републики.

Блинкен навести нова средба со Лавров веднаш по доставувањето на американскиот одговор на барањата на Русија.

Лавров одби да го коментира американското ветување дека следната недела ќе достави писмен одговор на барањата на Москва.

– Не можам да кажам дали сме на добар пат или не. Тоа ќе го знаеме кога ќе добиеме писмен одговор од САД на сите наши предлози, рече Лавров.

Блинкен рече дека САД ќе бидат отворени за средба меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Џозеф Бајден, доколку таа е „корисна и продуктивна“.

САД и сојузниците во НАТО повеќе пати предупредија дека Русија ќе се соочи со „тешки последици“ во случај на инвазија, како што се остри економски санкции, но не и воена акција.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија

Блинкен денеска го повтори предупредувањето пред разговорите со Лавров, велејќи дека САД и нивните сојузници се посветени на дипломатијата, но дека ќе одговорат „обединето, брзо и остро доколку тоа се покаже невозможно и ако Русија одлучи да започне агресија против Украина“.

Блинкен и Лавров се сретнаа во обид да ги намалат тензиите, во услови на зголемена загриженост дека Русија би можела да изврши инвазија на Украина.

Тензиите се зголемија бидејќи Русија распореди околу 100.000 војници и тешко оружје во близина на границата со Украина. Киев и Западот стравуваат дека трупањето на руските сили во близина на Украина значи дека Москва подготвува инвазија.

Иако негира дека планира напад врз соседна Украина, Москва побара НАТО да се обврзе дека нема се шири во земјата и другите поранешни советски републики, да не распоредува оружје на тие територии и да ги повлече силите на алијансата од Централна и Источна Европа.

Вашингтон и неговите сојузници одлучно ги отфрлија барањата на Москва на минатонеделните разговори меѓу претставници на Русија и САД и НАТО.

Руското Министерство за надворешни работи денеска ги повтори тие барања, додека Стејт департментот објави три документи, обвинувајќи ја Русија дека се обидува да го обнови поранешниот Советски Сојуз со заплашување и употреба на сила.

Руското Министерство за надворешни работи ги исмеа тие тврдења, наведувајќи дека очигледно ги подготвило „Министерството за вистина на Орвел“, алудирајќи на познатиот роман „1984“ на британскиот писател Џорџ Орвел.

Лавров рече дека „се надева оти не сите во Стејт департментот работеле на тие материјали и дека имало и некои кои работеле на суштината и содржината“ на руските предлози.

Руското Министерство за надворешни работи ги отфрли тврдењата на САД дека се залага за обнова на советската империја и зоните на влијание во Источна Европа, наведувајќи дека Западот е тој што размислува во категориите зони на влијание.

- Реклама -