Блокадата од Грција би била многу неевропска и застарена, вели Рама

Белерис е државјанин на Република Албанија и мора да биде еднаков пред законот со секој друг албански граѓанин, да одговара како и сите други, вели албанскиот премиер Еди Рама во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ за случајот со притворениот градоначалник на Химара, а говори и за пораките од Грција во однос на ЕУ перспективата на Албанија, јави дописничката на МИА од Атина.

Премиерот на Албанија објаснува дека според него, „не е европски и е многу застарено“, ако Грција смета дека топката е кај Тирана во однос на европскиот пат на земјата и дека „ако топката не оди во насоката што ја сака Атина, ќе ѝ се одмазди на Албанија со попречување на процесот на пристапување во ЕУ“.

„Закани за блокирање на понатамошниот напредок кон целосна интеграција во ЕУ, во момент кога Владата нема законска можност да му даде дозвола на затвореник да положи заклетва е во целосна спротивност и со сувереното право на Албанија да го остварува и применува своето европско законодавство на територијата на земјата и дури и со европскиот соживот меѓу земји кои се демократски, кои припаѓаат на исто семејство на вредности каде што една земја не може под никакви околности да му диктира на другиот како треба да постапи во одреден случај и што треба да направи едниот или другиот за да го спроведе законот во својата земја“, истакна Рама.

Во интервјуто за државната телевизија објасни дека силно верува во пријателството, стратешкото партнерство и големиот заеднички интерес на Албанија и Грција и дека ова пријателство треба што е можно повеќе да се зајакне.

„Исто така, верувам дека грчкото малцинство во Албанија е богатство за културата на нашиот соживот и незаменлив мост за негување и зајакнување на пријателството меѓу двата народа, меѓу двете држави и влади, независно од тоа кој е на власт во Тирана и Атина“, порача Рама.

МИА

- Реклама -