BMW повлекува илјадници електрични автомобили поради опасност од струен удар

BMW објави два повика за сервис на нивниот нов електричен SUV модел, BMW iX3, поради потенцијални безбедносни проблеми, во кои спаѓа и ризикот од струјен удар за време на полнењето. Првиот повик опфаќа 145 возила произведени помеѓу ноември 2025 и февруари 2026 година. Како што наведува компанијата, проблемот е поврзан со вградениот полнач, кој ја конвертира наизменичната струја во еднонасочна. Во некои случаи, поради дефект, каросеријата на возилото може да биде под напон кога автомобилот е приклучен на полнач. Иако до сега не се пријавени повреди, од BMW предупредуваат дека сопствениците можат да почувствуваат струен удар при допир со возилото за време на полнењето. Како мерка на претпазливост, на сите опфатени автомобили ќе им биде сменет полначот.

Прочитајте и:  Делови од Горно Соње и Бардовци остануваат без електрична енергија

Неколку дена подоцна, компанијата објави и втор повик за сервис кој опфаќа 4.843 возила ширум светот. Оваа мерка е предизвикана од можно неправилно прицврстување на страничните воздушни перничиња. Според производителот, постои ризик тие да не се активираат како што треба при судир, а во екстремни случаи делови од системот можат да се одвојат и да претставуваат опасност за патниците. И во оваа ситуација до сега нема пријавени несреќи или повреди. Во сервисните центри ќе се врши проверка на прицврстувањето на воздушните перничиња и ќе се отстранат евентуалните неправилности.

И покрај овие проблеми, новата генерација на BMW iX3 во целина доби позитивни реакции на пазарот и се смета за значително подобрување во однос на претходниот модел.