Богоевски до сограѓаните Албанци: Докажете ни дека не сите Албанци се радикални националисти

Поранешниот пратеник Павле Богоевски, по повод 19 години од потпишувањето на Рамковниот договор, во отворено писмо кое го објави на социјалните мрежи, им се обрати на другарите и другарките Албанци.

Во писмото, Богоевски оценува дека барањето на ДУИ за „премиер Албанец“, но предложен токму од нив, е ништо друго освен национализам и уцена. Богоевски  ги повикува прогресивните Албанци да расчистат со националистите во „нивните редови“, исто како што и Македонците имаат обврска и расчистуваат со националистите во „своите редови“.

Обраќањето на Богоевски, кое го објави и на албански јазик, го пренесуваме во целост:

„Почитувани другари и другарки,

Има една работа која ми се врти во мислите уште кога влегов во Парламентот и се запознав со ДУИ и нивниот начин на работење, ама не сум имал прилика до сега да пишувам за тоа. Станува збор за граѓанската одговорност на Албанците во нашата држава.

Да разјасниме една работа – јас сум огромен поддржувач на концептот на Едно општество за сите и со секоја клетка од моето битие верувам во еднаквоста на сите граѓани пред законите. Кога Имер Селмани се кандидираше за Претседател, јас гласав за него – бидејќи најмногу ми се допадна неговата програма. Како Пратеник, го гласав Законот за јазици иако имав и сè уште имам забелешки за квалитетот на законскиот текст. Го гласав внесувањето на Рамковниот договор кон Преамбулата на Уставот. Го гласав првиот Албанец Претседател на Собранието на РСМ и бев спремен со живот да го бранам тој глас. Исто како што со животот и телото ги бранев албанските Пратенички кога македонските националисти влегоа во Собранието на 27ми Април. Знаете дека додека „мажите“ од ДУИ се шетаа насмеани покрај насилниците, жените пратенички беа оставени и заглавени со мене, а јас ги примав ударите наменети за нив? Повторно би го направил истото, со огромно задоволство и гордост.

Ама како што ние, прогресивните Македонци имаме обврска да се справиме со националистите и радикалите во нашите редови – исто имате и вие. Не е проблемот што Ахмети бара Премиер Албанец – проблемот е што бара НЕГОВ ПРЕМИЕР АЛБАНЕЦ и што тоа го поставува како единствен услов за идното владино коалицирање. Никакви други вредности, никакви други приоритети – само национално барање кое треба да му донесе политичка моќ. Тогаш другари и другарки, таа политика повеќе не е национална политика – туку националистичка и никако поинаква.

Ние имаме многу меѓуетнички проблеми на кои треба да работиме – рамноправниот регионален развој, урбанизацијата на населените места, еднаквиот пристап до права и можности – но тие проблеми не смеат да бидат фолклорни по својата природа.

Најискрено би ве прашал – повеќе ве боли тоа што химната се однесува само на Македонците или тоа што албанските села во некои од македонските општини добиваат трошки од буџетот? Или пак тоа што Албанците многу потешко се вработуваат во приватните фирми со македонски газди и доминантно македонска структура? Или тоа што, сè уште има македонски родители кои не им дозволуваат на своите, македонски дечиња да се дружат со своите албански другарчиња?

Прочитајте и:  ВРЕДИ: ДУИ ги држеше Албанците како заложници со договори на дело, ние ќе ги решиме сите неправди кон нив

Ама таа паричка има две страни. И нас, прогресивните Македонци, нè боли тоа што повеќето албански градоначалници вработуваат само Албанци во општинските администрации и што инвестираат доминантно во албанските населени места. И нас нè боли што Албанци вработени преку ДУИ не идат на работа во државната администрација, а земаат плата.

Ова се проблемите за кои треба да разговараме, другари и другарки. Ама политичарите чиј идентитет се заснова само на национализам никогаш нема да дозволат да разговараме за овие проблеми. Знаете зошто? Бидејќи прво, самите тие политичари се заслужни за нив и второ – и уште поважно – бидејќи ваквите проблеми се решливи. И кога ќе бидат решени ваквите, вистински проблеми, тогаш на сцената веќе нема да бидат потребни политичари кои освен фолклор политики и скандирање „УЧК, УЧК“ по митинзи, друго не ни знаат. Затоа, наместо да зборуваме за вистинските проблеми, ние секои избори се расправаме со нови, понационалистички и пофолклорни барања кои немаат никаква врска со вистинско градење на едно општество за сите и реалните потреби на граѓаните. За жал, сите моментални албански политички фактори знаат да флертуваат со ваквиот начин на практикување политика.

Морате да бидете свесни дека ако нема друг, прогресивен глас во албанските политички партии, Македонците ќе мислат дека националистите како Ахмети ги претставуваат сите Албанци и Албанки во нашата држава и дека политичките приоритети на сите Албанци се подеднакво радикални и националистички како приоритетите на оние кои тврдат дека ги претставуваат.

Со други зборови, како што ние имаме обврска да ви докажеме дека не сите Македонци се националистички чудовишта како Груевски, Тарчуловски, Ѓорчев или Апасиев – така и вие имате обврска на дело да ни докажете дека не сите Албанци се криминогени милитанти за кои единствена светост се парите и моќта, како што се Ахмети, Груби, Алими и сличните на нив.

Во спротивно, неизбежно ќе ја загубите поддршката на прогресивните Македонци кон концептот на Едно општество за сите. Порастот на албанскиот национализам станува се’ почеста тема на разговор помеѓу Македонците. А верувајте, не сакате да останеме без аргументи во тие дискусии.

Затоа, ве повикувам да се справите со овој одвратен наплив на национализам кај тие кои се нарекуваат ваши политички лидери. Истовремено, ви ветувам дека јас и сличните на мене никогаш нема да престанеме да се бориме со нашите националисти и фашисти, кои како што и самите забележувате, земаат застрашувачки голем замав во политичките процеси.

Само така и само со ваков, искрен пристап можеме државава да ја однесеме кон нашата цел – општество чии закони обезбедуваат еднакви можности за сите етнички заедници во него. Сè додека правата и државата ги гледаме како конечна вреќа компири, каде ако на едниот му се даде, на другиот ќе мора да му се земе нешто – ние само подлабоко ќе тонеме во омраза, гнев и поделби.

Другарски поздрав!“, пишува Богоевски.

- Реклама -