Болницата во Газа двапати добила повик за евакуација

Портпаролката на палестинската Црвена полумесечина Небал Фарсах денеска изјави дека болницата Ал Кудс во градот Газа утринава примила два повици од израелските власти за евакуација, пренесе Бета.

Во соопштението на таа организација се наведува дека повиците претставуваат „јасна и директна закана дека болницата мора веднаш да се евакуира, во спротивно Палестинската Црвена полумесечина сноси целосна одговорност за сите животи во болницата“.

Фарсах изјави дека од утринава израелските воздушни напади се зачестени во областа и дошле на 50 метри од зградите.

Таа рече дека околу 12 илјади луѓе во моментов се згрижени во болница, дека во единиците за интензивна нега има претежно ранети деца во последните напади и дека повеќето од нив се поврзани со резервоари со кислород и дека евакуацијата ќе ги убие.

Прочитајте и:  Израел се согласи на примирје со Хезболах

Израелската Армија не коментираше. Таа нареди евакуација на околу милион жители јужно од Појасот Газа пред очекуваната копнена инвазија.

Светската здравствена организација (СЗО) тврди дека е невозможно да се евакуираат пациентите без да се загрозат нивните животи.

Болниците низ Газа работат со полн капацитет поради големиот број ранети во непрестајното бомбардирање и не се во можност да го примат драматичното зголемување на бројот на пациенти додека илјадници други цивили се засолнети во близина, објави агенцијата на ОН.

МИА

- Реклама -