Болтон: Ако Трамп биде реизбран, може да ги повлече САД од НАТО

Поранешниот советник за национална безбедност на претседателот на САД – Џон Болтон, во интервју за германскиот весник „Ханделсблат“, предупреди дека, доколку биде реизбран, Доналд Трамп би можел да ги повлече САД од НАТО.

„Само шака републиканци го одобруваат напуштањето на НАТО. Но ако тој (Трамп) победи, таа бариера би можела да биде премостена. Којзнае што ќе направи во вториот мандат?“, вели Болтон во интервјуто, пренесува бугарската агенција БГНЕС.

Во интервјуто, Болтон ја советува ЕУ, во случај Трамп да биде реизбран за претседател на изборите на 3 ноември, дипломатските односи со Вашингтон да ги одржува главно преку Конгресот.

„Претставничкиот дом и Сенатот можат да му се спротивстават на претседателот. Ако стане збор за повлекување од НАТО или повлекување на значителен дел од воените трупи во Европа, Трамп може да се соочи со силен отпор и од демократите и од републиканците. Во таа смисла, Европјаните треба да бидат советувани да се обратат кон Конгресот“, вели поранешниот советник на Трамп.

Прочитајте и:  Трамп бара 10 милијарди долари од Си-Би-Си поради наводно изменето интервју со Камала Харис

Болтон ги коментираше и шансите за победа на Трамп. Испитувањата на јавното мислење и предноста на кандидатот на Демократската партија – Џо Бајден, не значат ништо, смета тој. „Способноста на Демократската партија да загуби избори никогаш не треба да се потценува“, вели Болтон.

- Реклама -