Борел: Дијалогот е единствениот начин да се дојде до решение, од него зависи европскиот пат на Косово и Србија

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска во Брисел, по средбите со лидерите на Србија и Косово, изјави дека дијалогот е единствениот начин да се дојде до решение и дека од тоа зависи европскиот пат на двете страни.

„Работата е во тек. Можеби ќе треба да го напуштам Самитот на ЕУ за повторно да се сретнам со лидерите на Косово и Србија за да видиме дали можеме да најдеме решение во рамките на дијалогот. Нема друго решение. Европскиот пат на Косово и Србија поминува низ овој дијалог“, изјави Борел по пристигнувањето на состанокот на лидерите на Унијата и нејзините членки, пренесе Бета.

Тој на Самитот на ЕУ дојде од хотелот каде заедно со други претставници на ЕУ и лидерите на Германија, Франција и Италија одвоено разговараше со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Борел, специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и лидерите на Франција, Германија и Италија, Емануел Макрон, Олаф Шолц и Џорџа Мелони, разговараа со Курти и Вучиќ околу половина час.

Дипломатски извори за Радио Слободна Европа изјавија дека Шолц, Макрон и Мелони, како и Борел, изразиле подготвеност привремено да го напуштат Самитот на ЕУ и да се вратат на разговорите со Вучиќ и Курти доколку нивното присуство придонесе за напорите.

МИА

- Реклама -