Борел: „ЕУ кандидатите од Западен Балкан мора да го фатат моментумот создаден од поволниот напредок на Украина“

Кандидатите за членство од Западен Балкан „мора да го фатат моментумот во процесот на проширување создаден од поволниот напредок на Украина“, која доби кандидатски статус, и да го следат нејзиниот пат со тоа исто темпо – изјави денеска во Брисел шефот на европската дипломатијата, Жозеп Борел, сумирајќи ги заклучоците од денешната седница на министрите за надворешни работи на Унијата и нивната неформална средба со министрите од Западен Балкан.

Во однос на Србија, Борел истакна дека тесните врски со Русија и непочитувањето на санкциите воведени од ЕУ против Москва се некомпатибилни со процесот што ја води Србија кон членство во ЕУ. Тој го пренесе ставот на министрите на Унијата дека Русија се обидува „да „го попречи европскиот пат на кандидатите од Западен Балкан“.

Борел посочи дека министрите се осврнале и на дијалогот меѓу Белград и Приштина и јасно ставиле до знаење дека „брзото спроведување на договорот меѓу двете страни е единствениот начин за нормализирање на односите“.

Според него, тие, исто така, посочиле дека мора да престанат „интензивирањето и меѓусебните провокации“ и „негативното однесување и недостигот на конструктивност“.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

„Беше истакнато дека за кандидатите за членство во ЕУ кои не се согласуваат со санкциите на ЕУ против Русија, а особено ќе ја истакнам Србија, одржувањето блиски врски со Русија не се совпаѓа со нивниот процес за влез во Европската унија. Тоа исто така им нанесува штета и на сите нивни национални интереси, но секако не е компатибилно со процедурата што води кон влез во ЕУ“, рече Борел.

Тој подвлече дека ЕУ сака да го забрза проширувањето и дека министрите на Унијата, како што рече, испратиле „силна порака“ дека партнерите од Западен Балкан „мора да го фатат моментумот во процесот на проширување, создаден од поволниот напредок на Украина“.

„Украина напредува и тие треба да го следат тој пат и истата брзина. Сега е време да се забрзаат реформите, да се усогласат со европските норми и да се подготват нивните општества за членство. Тоа е единствена можност што мора да се искористи“, рече Борел.

Извор: МИА

- Реклама -