Борел: ЕУ не може да ги замени САД во поддршката за Украина, се надеваме дека ќе ја променат одлуката

Одлуката на Конгресот на САД да ја исклучи помошта за Украина од пакетот за финансирање на државната админстрација беше неочекувана и секако не е добра вест, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност – Жосеп Борел, при пристигнувањето на состанокот на Европската политичка заедница во Гранада.

Тој предупреди дека ако политичките судири во Вашингтон ја поткопаат американската поддршка за Украина, Европа нема да може истата да ја замени и да ја надомести.

„Се надевам дека тоа нема да биде дефинитивна позиција на САД. На Украина ѝ е потребна поддршката од ЕУ, што сигурно ќе ја има и сакаме да ја зголемиме, но потребна ѝ е поддршката и од САД. Може ли Европа да ја пополни празнината што ја оставија САД? Па, Европа не може да ги замени САД“, изјави Борел.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

„ЕУ може да направи повеќе, но поддршката од САД за Украина беше импресивна“, додаде тој.

ЕУ, Украинците и сите оние кои не сакаат рускиот претседател Владимир Путин да победи во оваа војна, се надеваат дека САД ќе ја променат својата позиција и ќе продолжат со поддршката за Украина, заклучи претставникот на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Извор: МИА

- Реклама -