Борел: ЕУ планира во 2024-та на Украина да ѝ испрати помош од 21 милијарда

Земјите од ЕУ планираат оваа година да испратат воена помош за Украина во вредност од најмалку 21 милијарда евра, додека во првите две години таа помош изнесуваше 28 милијарди евра, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

На прес-конференција, по неформалниот состанок на министрите за одбрана во Брисел, Борел рече дека ЕУ очекува да достигне 52 отсто од целта да испрати милион гранати во Украина до март оваа година. Тој додаде дека капацитетот за производство на артилериски гранати во Европа до крајот на годинава ќе достигне 1,4 милиони годишно, додека сега е речиси милион.

Борел нагласи дека земјите од ЕУ планираат да обучат уште 20.000 украински војници, покрај веќе обучените 40.000, кои ќе сочинуваат вкупно 60.000 војници.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

Шефот на европската дипломатија денеска изјави дека целта на Европската унија е до 19 февруари да започне поморска мисија во Црвеното Море, која треба да ги заштити трговските бродови кои се соочуваат со напади на хутите.

- Реклама -