Борел: Мора да изградиме држава за Палестинците

На денешното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ предложив рамка за решавање на израелско-палестинскиот конфликт која се базира на три „Не“ и три „Да“, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел по завршувањето на денешната средба на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата.

Тој потенцира дека тие три „Не“ се – „Не“ за принудно раселување и протерување на Палестинците од Газа, „Не“ за намалување на нејзината територија и израелската реокупација и „Не“ за враќање на Хамас, а трите „Да“ се – „Да“ за единствена палестинска управа што ќе има силна меѓународна поддршка, „Да“ за посилно арапско вклучување во изнаоѓањето сеопфатно решение за Палестинците и нивни политички придонес во создавањето на палестинската држава и „Да“ за поголема вклученост на ОН во регионот и во изградбата на палестинската држава.

– Оваа голема загуба на човечки животи и на израелски и на палестински е неуспех на меѓународната заедница во изнаоѓањето на решение за оваа ситуација. Луѓето мора да сфатат дека решението е во две држави. Не се работи само за обнова на Газа, тоа го правевме неколку пати, туку и да изградиме држава на Палестинците, порача Борел.

Затоа, според него, мора да се гледа кон иднината на постконфликтно сценарио на долг рок и да се работи на постигнување мировно решение меѓу Палестинците и Израелците и во целиот регион.

– Мора да избегнеме на ескалација и проширување на конфликтот во соседните региони околу Израел, изјави Борел, додавајќи дека во тој контекст е упатена порака до сите страни во регионот, посебно до Хезболах на северната израелска граница со Либан.

Тој повтори дека во текот на вчерашниот ден беше усогласена заедничката изјава меѓу сите 27 членки на ЕУ со кој се бараат итни паузи на непријателствата меѓу Израел и Хамас и отворање хуманитарни коридори за доставување неопходната помош на населението во Газа, по која се дискутирало на денешното ноемвриско заседание на Советот.

– Нов момент е „итни“. И претходно имавме барање на Европскиот совет и од Г7 за хуманитарни паузи, но овде новиот елемент е „итни“ поради хуманитарната состојба во Газа, истакна Борел.

Прочитајте и:  ОН: Израелските доселеници протерале над 1.720 Палестинци од Западниот брег

Борел информира дека еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич ги информирал министрите за состојбата на теренот, каде, како што рече, има над 11.000 загинати, од кои многу се жени и деца и недостиг на вода, лекови и храна.

– Има 1,5 милиони внатрешно раселени лица во Газа и многу уште се движат од северот кон југот. Но, стотици илјади се уште се наоѓаат во северна Газа, каде што е многу тешко да се достави хуманитарна помош, рече Борел.

Тој посочи дека просечно преку граничниот премин Рафах во Газа влегуваат по околу 40 камиони дневно што доставуваат хуманитарна помош, што е многу малку во споредба со по 500 камиони на ден колку што пристигнувале во Појасот пред почетокот на војната.

– Многу загрижувачка е и состојбата со болниците од кои многу доживеа колапс или се на работ на колапс. Дваесет од 35 болници во Газа престанаа да функционираат. Тие немаат гориво, а без гориво не можат да функционираат, да обезбедат чиста вода или струја, додаде Борел.

Тој потсети дека Европската комисија одвои дополнителна помош за Газа, но таа ќе биде бесцелно ако не се достави и не стигне до оние на кои им е потребна. Се разговарало и за можноста за отворање на повеќе премини за доставување хуманитарна помош и за воспоставување на поморски коридор, но тоа, како што рече, е проблем бидејќи во Појасот Газа нема пристаниште каде што може да пристапи бродот.

– Изразивме загриженост за користењето на цивилите како жив штит и повикавме на итно и безусловно ослободување на сите заложници и на Црвениот крст да му се дозволи пристап до нив, рече Борел.

Тој порача дека е потребна поголема улога на ЕУ во регионот за да се пресече продолжувањето на спиралата на насилство и за таа цел во наредните денови ќе ги посети Израел, Палестина, Бахреин, Саудиска Арабија, Катар и Јордан.

Извор: МИА

- Реклама -