Борел: Преговорите со Северна Македонија и Албанија да почнат до крајот на годинава

Брисел, 15 ноември 2021 (МИА) – Шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, утрово се сретна со неговиот македонски колега, Бујар Османи. Борел на прес конференцијата денеска повтори дека почеток на преговорите со Скопје и Тирана се клучни за кредибилитетот на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова било тема на разговор и помеѓу министрите за надворешни работи на ЕУ на редовниот состанок со кој претседаваше денеска Борел.

„Сакаме првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија да се одржи што е можно поскоро, со надеж дека тоа ќе биде за време на ова претседателство на ЕУ, до крајот на оваа година, затоа што ако не го сториме тоа ќе има негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ во целиот регион“, изјави Борел во својот воведен говор по министерскиот состанок за надворешни работи на ЕУ денеска.

Министрите исто така разговарале како да ги вклучат земјите од регионот во министерските состаноци на ЕУ за надворешна политика.

„Потребни ни се конкретни дела и сакаме да ги инволвираме во нашите дискусии за надворешна политика, да се придружат кон процесите на Советот за надворешни работи“, изјави високиот претставник за надворешна политика на ЕУ.

Целта на оваа мерка е земјите од регионот да бидат од блиску запознаени со надворешната политика на ЕУ за да ја усвојат.

За потсетување, усогласувањето на земјите кандидати со надворешната политика на ЕУ е еден од условите за членство. Северна Македонија е усогласена за 95 отсто. Србија бележи најлош резултат.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

„За да можеме да туркаме усогласување треба да направиме простор за заедничко разбирање и споделување на анализи, не мора тие слепо да се усогласуваат, треба да имаат информации за нашите дискусии за надворешна политика и да соработуваат со нас поблиску, да учествуваат во разговорите во Советот за надворешни работи за да го разберат нашиот поглед на светот“, рече Борел.

На прашање на МИА дали го дели мислењето дека е можна нова војна на Балканот, Борел одговори дека „не треба да се коби“.

„Ситуацијата во Босна и Херцеговина е многу нестабилна, некои лидери користат сепаратистичка и националистичка реторика. Босна и Херцеговина мора да остане обединета, тоа е единствена држава и секој обид за поделби и создавање нови ентитети ќе биде извор на проблеми и немири и мора да се избегне за да не се стигне до ова што го велите (војна, нз), мора во корен да се отсече“, одговори шефот на европската дипломатија.

Тој додаде дека се надева до крајот на оваа година дека ќе може исто така да се одржи нова рунда на преговори помеѓу Белград и Приштина, каде тензиите се исто така високи. Борел соопшти дека испратил покани до двете земји.

- Реклама -