Борисов: Генерации млади Македонци и Албанци во моментов ја мразат Бугарија

Лидерот на бугарската ГЕРБ и екс-премиер на Бугарија – Бојко Борисов, синоќа од состанокот на Европската народна партија (ЕПП) во Љубљана упати остри критики кон претседателот на Бугарија – Румен Радев и привремената Влада што тој ја назначи.

Борисов обвини дека пропуштени се многу месеци и многу време, а паралелно е создадена „голема тензија“ во Северна Македонија, во Албанија и во целата ЕУ против Бугарија.

„Бугарија пропушти многу месеци да ја објасни својата позиција“, изјави Борисов, додавајќи дека „генерации млади Македонци и Албанци во моментов ја мразат Бугарија“.

Компромис мора и може да се направи, категоричен беше тој.

Во однос на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, Борисов обвини дека Радев „уште еднаш ќе излаже“.

„Тој секогаш ветуваше дека ќе се реши прашањето по изборите, но по кои избори? Тогаш тоа нема да зависи од него, туку од политичките партии што ќе владеат“, рече поранешниот колега (и брат) на премиерот Зоран Заев.

Прочитајте и:  Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија: Не сакам веќе да се занимавам со оваа уништена држава

Борисов потсети дека токму кога тој беше премиер беше потпишан Договорот за добрососедство, подвлекувајќи дека во рок од само 15-20 минути двете земји добија честитки од сите страни.

„Сега диктаторот Радев мора да ја донесе својата одлука и да престане да залажува дека ќе го реши прашањето по изборите. Ние добро ја браневме и објаснивме нашата позиција, па затоа го потпишавме Договорот за добрососедство. Но, да бидеме оптимисти. Можеби и ќе ​​најде храброст. Може еднаш да преземе одговорност и да не се крие под здолништата на политичките партии“, порача Борисов.

Радев, пак, денеска од Брдо, наброја низа услови за отворање на европскиот пат на Македонија, во која додаде и извесни „очекувања“ за бројот на Бугари што „треба“ да го покаже пописот во земјава.

- Реклама -