Борисов: Не ли гледате што вели Макрон? ЕУ ќе ја понижи Бугарија да даде зелено светло за РСМ, и сето тоа поради Радев

Фото: Принтскрин/ Епицентар.бг

„ЕУ ќе ја понижи Бугарија со цел Северна Македонија да добие зелено светло за почеток на преговорите и сето тоа е поради неуспешната надворешна политика на Румен Радев“, изјави за Нова ТВ поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ – Бојко Борисов.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Борисов го цитира францускиот претседател Емануел Макрон, дека до декември Северна Македонија треба да почне преговори, што, според него, значи оти ЕУ ќе ја принуди Бугарија да направи отстапки и, како што вели, сето тоа е поради претседателот на земјата, Радев.

Според Борисов, Румен Радев претставува голема штета за Бугарија. Тој, според лидерот на ГЕРБ, ги поделил партиите во земјата и тие станале анти-Радев и про-Радев и анти-Борисов и про-Борисов.

Тој изрази жалење што работите отишле во оваа насока и нагласи дека постоела можност тие двајцата, како искусни лидери подобро да се справат со кризата.

Борисов смета дека доколку тој биде кандидат за премиер, што, како што вели, го сакаат гласачите на ГЕРБ, тоа ќе предизвика поделба во Бугарија.

„Ако станува збор за партиски кандидат за премиер на Бугарија би го предложил Томислав Дончев, но и него нема да го прифатат, бидејќи е поврзан со ГЕРБ“, вели Борисов и додава дека тој би предложил човек од типот на Лозан Панов.

„На тој кандидат за премиер ќе му дадам сто отсто право да избере министри и да се договори со другите политички партии“, изјави Борисов за тоа како би дејствувал ГЕРБ по парламентарните избори во Бугарија на 14 ноември.

Прочитајте и:  Николоски: Ако сработиме добро со Франција, дипломатски тешкаш за едно попладне во Софија би го решил проблемот

Инаку Лозан Панов е кандидат на претседателските избори во Бугарија.

Во Бугарија в недела се одржуваат парламентарни и претседателски избори. Според најновото истражување на агенцијата „Алфа Рисрч“, во новиот бугарски Парламент ќе влезат шест партии, а за претседателските избори се очекува втор круг.

Коалицијата на ГЕРБ со Сојузот на демократските сили (СДС) ја задржаа водечката позиција со поддршка од 24,1 отсто од оние кои се решени да гласаат и ја зголеми разликата пред своите противници. Според „Алфа Рисрч“, втората позиција меѓу партиите останува најспорна и за неа во директна конкуренција се Промените продолжуваат и Бугарската социјалистичка партија (БСП). Формацијата Промените продолжуваат околу Кирил Петков и Асен Василев има поддршка од 16,5 отсто, додека БСП има половина процент помалку. Демократска Бугарија, Има таков народ и Движењето за права и слободи (ДПС) се другите три партии што сигурно ќе влезат во следното 47. Народно собрание на Бугарија, а нивните резултати во моментов се многу блиски – односно 10,2, 9,9 и 9,8 отсто. Стани БГ! Ние доаѓаме! е под цензусот од четири отсто и е дури по популистите од Преродба.

Во однос на кандидатите за претседател, Радев, кој се бори за втор мандат, може да смета на 46,4 отсто од гласовите на гласачите, а независниот кандидат поддржан од ГЕРБ, Анастас Герџиков на 28,3. Панов има околу 7 отсто поддршка.

МИА

- Реклама -