Бостон Селтикс остана во игра во финалната серија од источната конференција, откако синоќа славеше со 101:91 над составот на Мајами.
„Жешките“ допатуваа во Бостон со предност од 2:0 и со надеж дека ќе ја забележат и третата победа во низа над големиот ривал. Сепак, Џејмс, Вејд и останатите членови на Мајами налетаа на максимално мотивиран и квалитетен противник, којшто не сакаше ни да помисли на пораз на домашен терен.
„Мајами ја чуваше предноста на домашниот терен, и ние инсистиравме да го сториме истото. Имаме фантастични навивачи и сакавме да ги наградиме со победа. Се надевам дека истото ќе го сториме и в недела, па ќе успееме да израмниме на 2:2“ – изјави Рејџон Рондо.
{youtube}RByQZoupEGY{/youtube}
Плејмејкерот на Бостон повторно беше меѓу најзабележителните на теренот постигнувајќи 21 поен, 10 асистенции и шест скокови, Кевин Гарнет беше одличен со 24 поени и 11 скокови, додека Пол Пирс го заврши мечот со 23 поени. Во таборот на Мајами најимпресивен повторно беше Леброн Џејмс со 34 поени, но најдобриот кошаркар на „Жешките“ постигна само четири поени во последниот период од мечот.
Објавено во соработка со Екипа.