Божиновска на состанок со советник на Трамп за стратешка енергетска соработка

„Средбата се одвиваше во отворен и искрен дијалог, со јасен акцент на стратешките приоритети и конкретните насоки за подобрување на соработката. Од двете страни беше оценета како особено продуктивна и корисна“, соопштуваат од Министерството.

Џарод Аген е важен функционер со значајна улога во креирањето и координацијата на енергетските политики на САД. Неговото знаење и искуство во глобалните енергетски трендови претставуваат основа за развој на идни партнерства и проекти.

„На средбата се разменуваа ставови за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, со акцент на енергетската безбедност и стабилност на снабдувањето, диверзификацијата на енергетските извори, како и развојот на стратешки инфраструктурни проекти од заеднички интерес“, се наведува во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Министерката Божиновска ја нагласила подготвеноста на Македонија за продлабочување на соработката и реализација на конкретни иницијативи, истакнувајќи дека партнерството со САД е клучен фактор за долгорочната стабилност и развој на енергетскиот сектор.

Прочитајте и:  Шандонг – Конфуцијевото наследство и третата економија на Кина

Извршниот директор на Националниот совет за енергетска доминација на САД, Аген, изразил уверување дека постојат многу можности за соработка меѓу двете земји кои можат да го променат енергетскиот пејзаж во регионот во следните децении.

Соговорниците се согласиле дека има јасен потенцијал за интензивирање на соработката, со фокус на проекти кои ќе донесат конкретни резултати и ќе придонесат за економски развој и енергетска сигурност на двете земји.

Од Министерството наведуваат дека оваа средба е дел од серија билатерални состаноци на министерката Божиновска, која како дел од високата владина делегација учествува во втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу двете земји, каде се разгледуваат можности за унапредување на соработката со САД во неколку клучни области: енергетика, економија, безбедност и технологија.